Потпретседателот на Партијата за слобода и правда (СПП) поднесе кривична пријава против српскиот претседател Александар Вучиќ за директни закани кон обвинителите, за намерен и свесен притисок врз нив и со тоа директно попречување на правдата.
„Зошто Александар Вучиќ отворено почна да им се заканува на обвинителите? Зошто им се заканува дека лично ќе ги гони? Одговорот е едноставен – да не го уапсат. Затоа што е преплашен дека еден или повеќе обвинители конечно ќе свртат лист и ќе наредат негово апсење. Затоа што тие се единствените кои можат да го направат тоа. И затоа обвинителите се всушност највлијателната институција во Србија денес. А Александар Вучиќ целосно ги загуби нервите и ја преминува крајната линија почнувајќи јавно да им се заканува“, изјави Мариника Тепиќ.
Таа оцени дека Вучиќ „замислувал дека изгледа многу моќно додека им се заканувал на обвинителите, а всушност се однесувал како некој што чувствувал дека му се ближи крајот“.
„Исто како ранет ѕвер: агресивен, несигурен, опасен, луд, бесен, со пена од устата. Затоа во име на Партијата за слобода и правда поднесов кривична пријава лично против Вучиќ – за директни закани кон обвинителите, за намерен и свесен притисок врз нив и со тоа директно попречување на правдата. И сето тоа само за криминалот на врвот на неговата власт да остане заштитен“, рече таа.
Според неа, Вучиќ им се заканувал на обвинителите пред камерите од Париз и најавил дека лично ќе ги гони доколку си ја завршат работата.
„Ова не е изјава на претседателот на државата – тоа е директен напад на владеењето на правото и намера целосно да се потчини на себе обвинителската институција – за да остане на слобода! Нема да му дозволиме да го стори тоа. Србија не е на дедо му. Обвинителството не смее да се плаши, а правдата не смее да поколеба пред заканата на Вучиќ. Затоа оваа кривична пријава против Вучиќ не е само формален чин. Тоа е порака до секој граѓанин, секој адвокат, секој обвинител: Да не се плаши никој. И таа правда ќе стигне до Вучиќ во Србија – кој мисли дека е над неа. Или дека некој лажен митинг за поддршка ќе му помогне. Нема, бидејќи го изгуби најважното нешто: легитимитетот и довербата на народот. Србија ќе биде и слободна и праведна. И за тоа ќе се бориме – со закон, вистина и храброст. А на Вучиќ, правдата наскоро ќе му тропне на врата!“, рече потпретседателот на ССП.