Терористи или уставобранители? Шест години по крвавиот „27 април“

од Nikola Popovski
296 прегледи

Поминаа шест години од упадот во Парламентот на 27 април 2017 година. И после тогашните крвави сцени и судските пресуди за „терористичко загрозување на уставниот поредок“, јавноста останува поделена дали напаѓачите беа уставобранители или насилници. За дел од јавноста, маскираните го бранеле уставниот поредок и упадот е оправдан, додека за останатите, напаѓачите се терористи и порачуваат дека ваквиот немил настан не треба да се повтори, но никогаш нема да се заборави.

Дел од аналичарите во земјава се децидни дека партијата која ги организираше протестите, чии учесници влегоа во Собранието, никогаш не се огради и не се дистанцираше од крвавиот пир направен врз пратениците и врз самото Собрание како највисок законодавен дом. Според Благојче Атанасоски, напротив, ја употребуваат реториката дека тоа се уставобранители.

Благојче Атанасоски

-Тоа е доказ дека не се излезени од матрицата која продуцира насилство и дека единствена политичка легитимна опција и солуција на македонската политичка сцена е нивната. Тоа е одлика на тоталитарни системи, не на повеќепартиски демократии, вели Атанасоски за „Локално“.

За неодамнешната одлука на општина Битола да се им дадат по 10.000 денари на семејствата на осудените за 27 април, аналитичарот вели дека е популизам и додворување.

-Инаку инспираторите, креаторите и организаторите се на слобода, башка со украдени милиони евра народни пари. Насамарени се само тие што лежат во затвор, кутри души кои волно или неволно сметале дека одат во одбрана на мајка Македонија, несфаќајки дека одат да ги одбранат лесно украдените тешки милиони од тогашната врхушка на ДПМНЕ, дециден е Атанасоски.

Околу поделеноста за тоа како може да се квалификува „крвавиот четврток“, соговорникот истакнува дека се зависи од партиската диоптрија.

-Тие кои се поддржувачи на десницата сметаат дека се уставобранители, тие кои не се, се срамат од таквото крваво и брутално насилство, кое не доликува ни на животинскиот свет во една џунгла, а камо ли во државна организирана заедница и демократско општество, ни рече Атанасоски.

Аналитичарот ја прокоментира и одлуката на Апелација за укинување на пресудата за „организаторите на 27 април“ и враќање на предметот на повторно судење.

-Жално и срамно ќе биде доколку политичките елити направат „договор“, врз грбот на правдата. Тоа ќе биде дополнителен доказ дека во Македонија нема судско-обвинителски независен систем, туку дека се е фарса и негова имитација. Дотолку повеќе што американската амбасада упати директно писмо до владините функционери за катастрофалноста на правосудниот систем, оценува Атанасоски.

Ненад Јовановиќ

Политичкиот аналитичар Ненад Јовановиќ пак смета дека е сменето е тоа што не е во извршната власт.

-Сите останати практики и својства кои се карактиристични за нив потполно се исти. Никој не се случува во Мицковата партија освен тој самиот. Сте виделе ли некоја иницијатива, некој предлог, некоја идеја од страна на ВМРО-ДПМНЕ а тоа да не е Мицкоски лично? Нема такво нешо. Таа партија е иста: конзервативна, субординирана, (псевдо)хиерархизирана. И имаат многу погрешни претстави за односот кон насилството. А што ние, како општество, ако на тоа се реферирате, научивме од насилството на 27. април 2017. година? Па се надевам дека поуки извлековме, вели Јовановиќ за случувањата на „27 април“.

Според него, тие поуки се следни:

-Десницата собира, по „принципот на сродност“ луѓе со деструктивен потенцијал, неизживеана енергија која се растечува во конфликт, пропадници на екстремно подземје, криминални банди и навивачки хорди, а такви луѓе не излегуваат на улици само да се расправаат со своите неистомисленици околу „аргументите“, туку да кршат, скапуваат нечии глави и тепаат. Јас навистина не знам кои поуки има општеството ако ги нема овие поуки? Затоа на ВМРО-ДПМНЕ не им треба никаква друга политика или програма: тие секогаш ќе одат спонтано и „на рака“ на таквите политички определби и манифестации, ни кажа Јовановиќ.

Посочува дека „главните наредбодавци на крвавиот четврток се на слобода, со милиони евра во џебчињата, а за боранијата само 150 евра“.

-Бидејќи тие се обично тесто за месење, луѓе кои треба да им послужат во нивните цели, потрошена роба, ако ме разбирате што сакам да ви кажам. И со години на оваа земја и зборувам, и со години на овие луѓе им повторувам: во ВМРО-ДПМНЕ не постои поважно од самата врхушка. Сите останати се тука привремено. Затоа што рековме, таа партија е тука само за своите 30-50 луѓе кои ја користат за богатење. И тоа се, укажува аналитичарот.

За одлуката на Апелација за враќање на повторно судење на предметот за „Организаторите на 27 април“, Јовановиќ вели дека не знам што се случува во судството.

-Никогаш не сум бил во тие страшни простории „на правдата“ за да знам што размислува Апелација, а што размислува Врховен суд, или било кој друг суд во земјава. Единствено што гледам дека едниот суд игра пинг-понг со другиот суд. Еднаш ги враќаат пресудите, другиот ден ги повторуваат, третиот ден нешто сосема трета итн. Очигледно е дека Судскиот систем, место во кое треба да живее моралот и правдата, гледаме дека во тие лабаратории има се’ само правда и морал нема. И многу ми е тешко да проникнам што еден судија, обвинител или слична инстанца размислува не само за законот како таков, туку како размислува и за самото политичко насилство во општеството. САД вложува огромни сретстава во тренинзи, семинари и обуки на судиите и обвинителите, ама очигледно дека нивниот потенцијал е провинциски и очаен. Знаете што, не се виновни само политичарите, виновни се и судиите и сите ние, како јавност, како граѓанство, што судот е во тотален банкрот и луѓето кои тамо работат, заклучува соговорникот.

Бесим Небиу

Аналитичарот Бесим Небиу добива впечаток дека ВМРО ДПМНЕ се обидува со разни политички и реторички акробатики да го забиколува вистинското сооочување со 27 април, да се дистанцира од самиот чин, но притоа да ги оправдува сопствените членови  и нивните мотиви да ги прикаже во светло на патриотско дело.

-Ова само дека ВМРО-ДПМНЕ се нема соочено со фактот дека 27 април е обид за рушење на уставниот и демократскиот поредок на државата, вели тој за „Локално“.

Со чинот на општина Битола, оценува Небиу, ВМРО-ДМПНЕ на „мала врата„ (преку општина во кое има мнозинство) испраќа порака дека сеуште го смета 27 април и нападот на еден демократски избран парламент, како чин на одбрана на Уставот и висок патриотски чин.

-Се разбира, „големата врата“ би била кога официјалните органи на партијата би го направиле истото, порачува аналитичарот.

Соговорникот смета дека во колективната меморија на мнозинството граѓани 27 април е ден кога беше нападнат демократскиот поредок и карактер на државата и како таков овој ден е можеби еден од најцрните денови во истторијата на Македонија.

-Земја која претендира во Европа не може да си толерира соборување на парламентот од улица, рече Небиу и додава дека правосудскиот систем целосно потфрли, не само во однос на 27 април, туку и на многу други прашања. 

Н.П.

Слични содржини