Во сообраќајна несреќа на грчкиот национален пат Солун-Серон денеска загинаа двајца родители, а две деца (12 и 10) се повредени.
Помладото момче се здобило со полесни повреди и е надвор од животна опасност, додека на постарото момче ќе му биде извршена операција.
Како што пишува грчкиот портал „Прототема“, во судир на возило со романски регистарски таблички и камион загинале две лица на возраст од 49 и 45 години. Брзата помош ги пренела повредените момчиња во општата болница во Солун.
Според информациите на друг грчки портал „Тестивал“, постарото момче е тешко повредено и се наоѓа на детска хирургија во болница. Тој ќе биде опериран и хоспитализиран на детската интензивна нега во друга болница во Солун.
Неговиот помлад брат е надвор од животна опасност и се лекува на Клиниката за детска хирургија во Општата болница Папагеоргиу.