Тешки нервози ги очекуваат скопјани од понеделник: И приватните превозници ќе возат само со по еден автобус

од Илинка Илиоска
913 прегледи

На самиот почеток на новата учебна година, скопјани уште сега треба да испланираат како ќе стасаат на работа и на училиште од понеделник. Според неофицијални информации кои ги доби Локално, приватните превозници едногласно одлучиле од 1 септември да сообраќаат само еднаш на ден со по еден автобус на една линија.

Тоа значи дека приватните автобуси ќе возат од прва до последна станица и назад, а потоа ќе се исклучуваат. Во Скопје ќе недостасуваат 150 автобуси. Оваа одлука е донесена поради непостигнатиот договор со ЈСП за исплата на долговите и зголемување на цената по километар.

На седницата на Град Скопје не беше усвоена одлуката ниту за набавка на нови еко автобуси.  Директорот на ЈСП, Драги Кушовски, најави дека ќе се обиде да поправи околу 40 автобуси за да ги врати во сообраќај, но дури и кога ќе бидат поправени сепак во главниот град ќе недостасуваат голем број автобуси.

Јавниот превоз во Скопје е колабиран. Последното одбивање на предлогот за набавка на нови автобуси беше оправдано со тврдењето дека во буџетот на Град Скопје нема предвидени средства за таква намена.

„Во овој момент ниту во буџетот на Град Скопје ниту со ребалансот не се обезбедени средства за набавка на автобуси. Ваков предлог би имал смисла доколку во буџетот за 2025 се определат средства и потоа се гласа за одлуката. Не постои никаква оправданост сега, ова не е делива набавка, ќе набавиме сега еден автобус, па друг. Доколку има определена ставка во буџетот за 2025 не гледам причина да не се гласа за ова. А сега, ова е несериозен предлог“, рече претседателот на Советот, Трајко Славески.

По завршувањето на седницата, градоначалничката Данела Арсовска изјави дека граѓаните на Скопје треба да бидат информирани дека за колапсот на јавниот превоз се единствено одговорни ВМРО-ДПМНЕ и нивната коалиција, кои сметаат дека со инаетење со граѓаните ќе добијат политички поени пред локалните избори.

Таа исто така упати отворено писмо до премиерот Христијан Мицкоски.

„Ве замолувам, како претседател на Владата доколку не можете да ги убедите советниците во град Скопје да гласаат за набавка на нови автобуси, тоа да го направите вие. Набавете автобуси за главниот град. Доколку Владата нема средства за оваа намена, ние сме подготвени, а со одлука на Советот на Град Скопје, да ви ги префрлиме потребните средства на посебна сметка, а вие да ја спроведете набавката“, порача Арсовска.

Слични содржини