Тешко е да зборуваме за уставни измени, но големите лидери во политиката се распознаваат по своите дела и не се кријат зад народот, порача Петровска

од Nikola Popovski
178 прегледи

Во интервју за емисијата „Утрински печат“, министерката за одбрана Славјанка Петровска истакна дека процесот на европска интеграција на Република Северна Македонија е безбедносно прашање, затоа што сите отворени прашања во државата и регионот може да бидат злоупотребени и малициозно искористени за несакани дејствија и подгревање на страстите.

Во тој контекст, министерката Петровска посочи дека посветеноста на Владата и на една поширока неформална коалиција која се формира околу прашањето за евроинтеграциите и уставните измени е исправниот пат, а дека политичарите треба да го предводат народот, а не да се кријат зад него.

„Знам дека е тешко да зборуваме за уставни измени, знам дека е тешко да се зборува за политички отстапки, но големите лидери во политиката се распознаваат по своите дела и не се кријат зад народот. Лесно е да кажете, ајде за секое второто прашање да го прашаме народот. На крајот на краиштата седиме на позициите на кои седиме затоа што ние треба да ги носиме решенијата и ние треба да ги носиме одлуките“, потенцираше Петровска, која дополни дека политичарите многу помалку треба да се кријат зад народот, а многу повеќе треба да го предводат зашто во даден момент во тие историски носени одлуки, зависи иднината на државата.

Слични содржини