Тест Hyundai Sonata: Достoен конкурент

од Vladimir Zorba

Атрактивната надворешност, пространоста и комфорот во кабинскиот простор како и одлично избалансираниот механички дел помеѓу моторот, менувачот и подвозјето ја прават Sonata достоен ривал на развиканите модели кои го држат приматот во сегментот

Секоја генерација на корејските автомобили е сè поблиску до оние модели што го поставуваат „бенчмарк-от“ во класите каде што настапуваат. Во некои случаи дури се и понапред, податок кој само покажува со колкава посветеност се пристапува кон секој модел што го носи знакот на Hyundai. Класата на средно-големи седани во светски рамки е делот каде што битката воглавно ја водат европските и јапонските автопроизводители. Сепак, корејската марка не одстапува лесно и не ја пропушта шансата да ги покаже своите високи квалитети и напредни достигнувања преточени во најновата генерација на моделот Sonata.

Драматичен дизајн

Слободата во изразувањето која ја добија дизајнерите во Hyundai е забележлива речиси кај сите нови модели кои се преставени во последните 2-3 години. Затоа кај новата, осма по ред генерација на Sonata стајлингот е далеку подраматичен и постилизиран одколку предходно, тука на дело е преставен изразито спортскиот пристап кон креирањето и повозбудливиот дизајнерски правец што сега на овој модел му носи изглед на елегантно купе со четири врати.

На предниот дел доминира широка и агресивна каскадна маска, опкружена со тенки трапезоидни LED фарови кои кога се наближуваат кон средината започнуваат да се истенчуваат и да се движат нагоре кон лакови на предните крила. Додека пак карактеристичните хромирани ленти поставени на поклопецот од моторот на Sonata добиваат нова функционалност бидејќи ги кријат LED дневните светла, кои исчезнуваат од погледот кога ќе се исклучат благодарение на ласерски врежаните перфорации. Страничната силуета ни открива долга (4.900 мм) и ниска силуета (1.445 мм) со поприлично големо меѓуоскино растојание (2.840 мм) со што на Sonata во исто време може да се гледа како елегантна и динамична лимузина, факт кој дополнително е нагласен со интересно обликуваните 18-инчни алуминиумски тркала.

Поместувајќи го погледот наназад, ниската линија на покривот со остра опаѓачка патека доаѓа до израз, а нејзината линија ја следи целиот заден дел кој завршува во мал спојлер на работ од вратата на багажникот. Интерпретацијата на задни светла во „С“ форма кои се споени на дното ја дополнуваат атрактивноста на Sonata. Затоа, поради сè што набројавме погоре може слободно да констатираме дека ова е автомобил со многу впечатлив изглед, вистински магнет за привлекување погледи каде и да се појави.

Удобноста во прв план

Тест Hyundai SonataОбликувањето на внатрешноста црпи инспирирација од „шпиунските авиони“. Кабината на Sonata има чист, софистициран, но не претеран дизајн, акцентот е ставен на хоризонталните линии и создавањето чувство за широчина и изобилство на простор. Пријатениот ентериер ја истакнува напредната практичност и високото ниво на завршна обработка изведена врз материјалите кои се од исклучителен квалитет, со меки текстури и пријатни на допир.

Возачот добива извонредна позиција, максимално удобна и прилагодлива во сите правци, каде сите примарни и секундарни прекинувачи се секогаш на дофат. Управувачот е со 4 неконвенционални краци и одлично лежи во раце, пред него е голем и широк Supervision прилагодлив екран од 12,3 инчи кој е задолжен за приказ на најважните информации. Во иста висина, но на средина од централниот гребен е поставен екранот на допир од 10,25-инчниот преку кој се командува со инфозабавниот систем, а воедно поддржува и поврзување со паметните телефони кои користат Apple CarPlay и Android Auto.

Тест Hyundai Sonata

Како во случај со совозачот, така и на задната клупа просторот е повеќе од дарежлив, што значи дека на задниот дел три патници можат да бидат комотни и кога се патува на долги релации. Несекојдневниот облик на надворешноста не оди на штета на волумен на багажот чиј волумен од 510 литри не остава простор за приговор. Единствено ќе остане прашањето зошто дизајнерите и инжињерите сметале дека поклопецот немора да има копче за отварање (има само внатре) и било каква рачка или вдлабнување за негово спуштање !?
Од уникатните решенија кои особено ни се допаднаа ќе ги издвоиме бирачот на брзини што е изведен преку засебни копчиња, безжичниот Qi полнач со систем за ладење што го спречува прегревањето на вашиот паметен телефон, како и  загревањето на сите 5 места за седење и управувачот што е особено добредојдено во период кога температурите се движат окoлу нулата.

Сигурна испорака

Кај нас Sonata може да се добие единствено со бензинска погонска единица во атмосферска четирицилиндерска изведба со зафатнина од 2.5-литри. Овој двигател развива 180 КС при 6.000 вртежи во минута и 232 Nm влечна сила при 4.000 вртежи во минута. Силата се дистрибуира кон предните тркала преку стандарден (кај сите нивоа на опременост) 6-брзински автоматски менувач што одлично се вклопува во целата слика, не прави компромис при изборот на брзината, се одликува со одличен одзив и „мазно“ работење, точно онака како што се очекува да биде во еден голем и удобен седан.

Ако се земе во предвид дека проценетата тежина на Sonata е од околу 1,5 тони таа е разумно брза, со перформанси од 9,2 секунди во забрзување од 0-100 км/ч и максимална брзина од 210 км/ч. Во неколкудневното дружење на отворен пат и низ град со овој голем корејски седан во просек ни беа потребни 9 литри на секои 100 изминати километри, што не е постигнување за кое се смета дека е високо, а доколку бевме повнимателни со педалот за забрзување сигурно потрошувачката ќе беше пониска најмалку од половина до еден литар во просек.

Длабоко под кожата, Sonata е поставена на нова платформа од трета генерација која го прави автомобилот полесен и поригиден. Целата структура користи поголема употреба на челик со супервисока цврстина со што е добиено подобрено управување и пофлексибилна суспензија, два многу важни фактори кои придонесуваат за зголемена стабилност и одговор при ракување што се преточува во префинет квалитет во возење, како што е удобноста и добрата апсорбција на несовршеностите кои се чести на нашите патишта.

Тест Hyundai Sonata

Со цена која ја позиционира точно на средина од понудата на конкурентите, Sonata е извонреден пакет во кој има многу повеќе одколку што секој би очекувал да добие.

Цена на тестираниот модел: 39.200 евра

Технички спецификации за Hyundai Sonata 2.5 MPI GLS Premium

Мотор Euro VI, бензински, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно
работна зафатнина 2.497 cm3
пречник и од 88,5 x 101,5 mm
степен на компресија 10.5:1
Напојување две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото
максимална моќ 180 KС (132 kW) при 6.000 min/-1
макс. вртежен момент 232 Nm при 4.000 min-1
Трансмисија на предни тркала преку 6 степен автоматски менувач
Потпирање напред Мекферсонов систем, независни попречни рамења, стабилизатор, назад мултилинк, спирални пружини, телескопски амортизери
Сопирачки напред  самовентилирачки дискови назад вентилирачки дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
Пневматици 235/45 R18
Каросерија Седан со четири  врати, пет седишта
должина х ширина х висина 4.900 x 1.860 x 1.445 mm
меѓуоскино растојание 2.840 mm
траги (напред/назад ) 1.615/ 1.618 mm
Тежина 1.458 kg
максимална тежина 1.980 kg
Багажник 510 литри
Резервоар 60 литри
максимална брзина 210 km/h
забрзување 0-100 km/h 9,2 секунди
потрошувачка (отворен пат/град/просек) 5,7/11,2/7,8 l/100 km
емисија на CO2 179 g/km

 

Hyundai Sonata во Македонија

Hyundai Sonata 2.5 MPI GLS Comfort 33.500 евра
Hyundai Sonata 2.5 MPI GLS Style 37.500 евра
Hyundai Sonata 2.5 MPI GLS Impression 42.400 евра
Hyundai Sonata 2.5 MPI GLS Ultimate 44.500 евра

Повеќе информации во МИ-ДА Гранд Моторс или на тел. (2) 30 79 103

Конкуренти

Toyota Camry oд 32.190 до 40.690 евра
Škoda Superb oд 27.130 до 44.910 евра
Ford Mondeo oд 28.900 до 47.100 евра
Volkswagen Passat oд 39.437 до 56.631 евра

Слични содржини