Пациентот од Кичево за кој се уште не можеше да се потврди дали е заразен со мајмунски сипаници, завчера се јавил на доктор и веднаш е стапена комуникација со лекари од Инфективната клиника и епидемиолози. Денеска од Комисијата за заразни болести (КЗБ) информираа дека лицето денеска е тестирано и е во изолација.
-Пациентот од Кичево денеска беше исконтактиран, а потоа и тестиран од страна на Центарот за јавно здравје во Битола. Во моментов, тој е во изолација, а резултатите од тестот ги очекуваме до 20 часот, информирал портпаролот на КЗБ, д-р Злате Мехмедовиќ во изјава за МИА.
Државните институции по наредба на министерот за здравство испратиле инспектор до неговиот дом за да му достави и решение за здравствен надзор што вкучува тој да патува до Битола за да се јавува во Центарот за јавно здравје.
-Ова не е нов ковид, овде нема место за паника меѓу граѓаните. Не очекуваме никаков драматичен развој и сериозно ширење на оваа нова болест. Поставено е сомневањето врз основа на клиничката презентација и му е понудено тестирање. Во тој момент одбил да се тестира и не се пријавил во Инфективната клиника, после што се известени лекарските служби од Битола и тие реагирале веднаш. Ангажирана е матичната лекарка на пациентот и комуникација е воспоставена. Епидемиологот од Битола двапати бил кај него дома, разговарано е со членовите на семејството и објаснето е дека тестирањето е во интерес на сите, изјави вчера претседателот на КЗБ, д-р Александар Петличковски.
Согласно податоците на Американскиот центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), во светот до 9 август се пријавени вкупно 31 800 случаи со мајмунски сипаници. СЗО ја прогласи епидемијата на мајмунски сипаници за меѓународна јавноздравствена вонредна состојба.