Тестираните вработени во Зоолошката градина немаат птичји грип, информираат од Институтот за јавно здравје. Еден од вработените пред некој ден имал температура и дијареја, додека вториот тестиран не е на списокот од 16 вработени доставени од Зоолошката градина и денеска се пријавил во ИЈЗ со тековни симптоми.
„На ден 21.10 согласно протоколите, направено е тестирање за птичји грип во Одделение за вирусологија во ИЈЗ референтна лабараторија, која е меѓународно акредитирана за дијагностика на инфлуенца грип од хумано и анимално потекло, на лице кое во епидемиолошката анкета има наведено дека 1 ден имало симптоми на покачена телесна температура. Воедно е тестирано на ист начин и второ лице вработено во ЗОО кое не е на доставениот список од 16 луѓе вработени во ЗОО, но на ден 21.10 се пријавило во ИЈЗ со тековни симптоми. Ве известуваме дека по добиените резултати од спроведените тестирања, двете лица се негативни за птичји грип“, велат од ИЈЗ.
Од АХВ информираат дека од Зоолошката градина не биле информирани ниту за угинатото животно, ниту за сомнежот, ниту пак, за резултатите што ги добиле дека е детектиран птичји грип.
Директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска во текот на вчерашниот ден извести нема опасност за посетителите кои биле во Зоолошката доколку немале директен контакт со заболените птици. Најави дека здравствениот надзор ќе трае две недели и ќе вклучува секојдневно следење на симптомите од страна на епидемиолозите.
Во саботата се огласија и од Зоолошката градина. Најавија кривични пријави до директорот на АХВ и инспекторите кои, како што велат, упаднале без налог.
„Од изутрина без налог, решение или каков било друг доказ, инспектори на АХВ придружувани од лица со оружје, упаднаа во ЗОО – Скопје и извршија масакр врз птиците. Без образложение, овие лица по наредба на директорот на АХВ, убија неколку десетици птици кои слободно се шетаа во зоолошката градина. Станува збор за украсни видови на шатки и гуски кои живеат во Градскиот парк, а имаат природен пристап во зоолошката градина од Градскиот парк“, пишува во соопштението.