Тетката на Вања: Таткото Александар ми рече да пратам порака на Илон Маск да ја најде преку сателит

од Nikola Popovski
44 прегледи

На денешното судско рочиште за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, сведочеше тетката на Вања, Маја Спироска. Таа зборуваше за потрагата по нејзината внука. Рече дека дента околу 11 часот ѝ се јавила Зорица и ѝ кажала дека Вања ја нема. Кажа дека со пријатели пребарувале по кафулиња и други места во потрага по девојчето, а од следниот ден била во домот на Зорица Ѓорчевска за да и даде поддршка. Таму, како што кажа Спировска, имало колеги на Зорица од работа и инспектори.

Појасни дека таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, заедно со неговиот пријател Гоце, кој таа не го познавала, ги гледале снимките, при што, како што рече, во еден момент го откриле Цитроенот.

-Сашко ги донесе снимките, ги гледаше, во соба на компјутер. Во првиот момент беше сам, подоцна дојде Гоце, јас не го познавам кој е. Со него после излагаа, наоѓаа снимки, гледаа. Гоце во еден момент го откри Цитроен возило, среда или четврток. Рече мислам дека имаме некаква трага, можно е. Мислеше дека самиот човек дошол ја земал и ја однел, појасни таа.

-Таткото Александар беше вознемирен, излегуваше, влегуваше, бараше. Цело време на Зорица и велеше не се секирај, ќе ја најдам. Јас немав многу комуникација со него. Само ми рече да пратам порака на Илон Маск да ја најде преку сателит, што ми беше чудно, како јас него да го најдам, сведочеше Маја Спироска.

На минатите рочишта сведочеа мајката на Вања, Зорица Ѓорчевска, ќерката на Жежовски, Ана Киркова и нејзиниот сопруг, Тодор Кирков, како и повеќе лица вклучени во истрагата за двете убиства.

На првото одржано рочиште обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски се произнесоа дека не се чувствуваат за виновни.

Според обвинението, тие заедно испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Додека, грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.

Денеска, според распоредот што го најави судијата Ивица Стефановски на првото рочиште, се очекува да сведочат Зоран Аваз, Тодорче Георгиевски, Елвис Ибрахуми и Мирче Мицевски, а на следното рочиште во петок, на 15 ноември, се очекува да сведочат Маја Спироска, Ѓорги Џолев, Кире Тренчевски, Кристијан Плотников и Васко Стојков.

Судењето го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е обвинителката Жаклина Крстевска.

Слични содржини