Во пресрет на посетата на косовската претседателка Вјоса Османи на Тетово, со реакција излегоа од граѓанската иницијатива „Тетово сака парк“. Од таму бараат градоначалникот на општината, Биљал Касами да ѝ го покаже градскиот парк на Османи.
-Па и заедно да засадат дрво – добро позната пракса и пријателски гест во современиот свет. Доколку ова изгледа премногу нормално за г. Касами или му текне дека нема парк во неговиот град, нека се разгледа предлогот на високата гостинка да ѝ биде покажан нашиот урбанистички дострел „Девастирано централно градско подрачје” како и „Суспендиран ДУП (ШИК ‘Јелак’) на кој несуспендирано се гради“, стои во соопштението од „Тетово сака парк“.
Османи е во дводневна посета на земјата, откако вчера беше гостинка на претседателот Стево Пендаровски во вила „Водно“, а оствари и средби со премиерот Димитар Ковачевски, претседателот на Собранието, Талат Џафери и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.