Тежината на училишните ранци во Србија ќе се ограничува: Што носи новиот закон?

од Марта Пешевска
23 прегледи

Министерството за образование во Србија, најави воведување ограничување на тежината на училишните ранци според возраста на децата, како дел од новите измени на Законот за учебници. Според предложените правила, ранецот на ученикот до крајот на четврто одделение не треба да тежи повеќе од три килограми, во петто и шесто одделение – најмногу четири килограми, а во седмо и осмо – до пет килограми.

На јавната расправа, помошник-министерот Милан Пашиќ истакна дека измените имаат за цел да го зајакнат националниот идентитет и интеркултурноста кај учениците, со воведување учебници од национален интерес за основното образование, вклучувајќи предмети како српски јазик и литература, природни науки, историја и уметност. За средношколците, Владата ќе утврди кои учебници ќе бидат од национален интерес.

Пашиќ најави и ограничување на цената на учебниците преку комисија составена од министрите за образование и трговија, со цел намалување на трошоците за родителите. Покрај тоа, учебниците од национален интерес ќе се печатат од јавни издавачи, а нивната примена постепено ќе се воведува од учебната 2026/2027 година.

Министерството отвори и јавна расправа за измени на законот, која ќе се одржи во повеќе градови и преку е-консултации, повикувајќи ги сите заинтересирани да дадат свои предлози и коментари. Новите правила предвидуваат и транспарентни критериуми за избор на учебници, како и механизми за спречување на злоупотреби и влијанија врз наставниците. За прв пат, законски е утврден и лимит за вредноста на подароци од издавачи – до 1.000 динари, кои не се сметаат за донација.

Целта на овие промени е да се обезбеди квалитетно и праведно образование, да се зачува националниот идентитет, да се поттикне почитување на мајчиниот јазик и традицијата, и да се олесни секојдневието на учениците и нивните родители.

Слични содржини