Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, јасно го нагласи својот став во врска со барањата од страна на Мухамед Елмази за постапување против дивоградбите во општина Сарај. Таа појасни дека Градот Скопје нема надлежност за тоа, бидејќи општината Сарај влегува во генерален урбанистички план од 2012 година, додека законската рамка за дивоградби се однесува само на градби до 2011 година.
Арсовска потенцира дека барала од Советот на Град Скопје да се отвори дискусија за проблемот со дивоградбите во сите скопски општини, вклучувајќи ги и Сарај и Чаир, но дека тие што ја поддржуваат Елмази избегнуваат таква расправа.
Во остар тон, градоначалничката упати критики до Елмази, обвинувајќи го дека живее во незаконска дивоградба во општина Чаир и дека неговиот соработник веќе избегал во Косово поради сомневања за криминал. Таа го поврза Елмази со политички обиди за заштита на криминал и најави дека тие што се фатени ќе се обидат да се спасат преку политички промени.
„Јас зборувам со факти и имам докази за сè. Не се откажувам од тоа,“ изјави Арсовска, додавајќи дека ја следи ситуацијата и ќе продолжи да ја открива вистината.