Република Хрватска генерално го поддржува процесот на европски интеграции на Северна Македонија. Северна Македонија спроведе бројни реформи, од кои некои навистина беа и болни, изјави во интервју за МИА амбасадорката на Хрватска во Северна Македонија, Нивес Тигањ.
-Сметаме дека Северна Македонија заслужува отворање преговори колку што е можно побрзо. Очекуваме дека тоа ќе се случи. Би сакале тоа да се случи уште за време на португалското претседателство, да се одржи првата меѓувладина конференција, односно формалниот почеток на пристапните преговори, вели Тигањ.
Таа додава дека Хрватска го поттикнува и го поддржува продолжувањето на дијалогот со Бугарија, за пронаоѓање на компромисно решение.
-Исто така, поттикнуваме и продолжување на сите реформски процеси, со консензус на сите политички сили во државата. Тоа е многу важно, бидејќи таквиот пристап ја потврдува посветеноста на вашата земја за вашата стратегиска цел, а тоа е членство во Европската Унија, вели амбасадорката на Хрватска.