Дали ТикТок треба да се укине во Македонија – ова е дебатата која се води во нашата земја после трагичните настани во Србија, особено по масовното убиство во белградското основно училиште, но и поради неквалитетните содржини кои што кружат секојдневно на оваа социјална мрежа.
И додека МОН и останатите надлежни институции се уште дискутираат и размислуваат за рестрикција, голем дел од јавноста се чини е за блокада на оваа платформа.
Сепак најпрвин се поставува прашањето дали тоа е возможно и на кој начин би се сторило.
Според IT експертот и експерт по сајбер безбедност, Сенад Аруч, во Македонија има над 80 илјади корисници на ТикТок, од кои 45,5% се на возраст меѓу 18 и 24 години.
-Зошто немаме статистика за под 18 години – затоа што ТикТок забранува да се регистрираш под 18 години и нема статистика за оваа возрасна категорија, вели Аруч за „Локално“.
Истакнува дека ова е голема бројка за македонски услови.
-Кога зборуваме за цел свет, ТикТок го има во 150 држави и има над една милијарда корисници. Најголемиот проблем е што над 100 минути дневно луѓето ги трошат на ТикТок и затоа е голема платформа за „brainwashing“, политички кампањи и за лоши работи. Кога се зборува за децата, последниот ТикТок предизвик се викаше „Blackout“ и за жал 20 деца за 18 месеци кои го спровеле овој предизвик, починале од него. Си прават некој вид на давење со раце и чекаат додека не се онесвестат. Ова беше голем бум во светот. Пред тоа имаше предизвик со антидеприсивот Бенадрил, каде што децата го пиеја и многу починаа, предупредува експертот.
Аруч потенцира дека во светот постојат неколку рестрикции на ТикТок.
-Првата е на апликациско ниво. Бидејќи децата го користат ова најмногу на нивните Ајфон и Андроид телефони – за да се блокира, за жал ние во Македонија немаме македонски Google Store или App Store каде може Владата слободно да направи притисок кон Google или Apple да го исклучат ТикТок од инсталирање, вели тој.
Втората рестрикција е блокирање на ТикТок на државно ниво, истакнува Аруч, но констатира дека, за жал, повторно Владата нема комуникациски капацитети каде можеме да направиме „Deep packet inspection“ на национално ниво и да го блокираме ТикТок.
-Ова е тој голем „Кинески ѕид“ (Firewall во Кина) каде можеш на национално ниво да блокираш платформи. Немаме таква технологија. И да имаме таква технолија, за таа технолoгија има бајпас технологија, како различни VPN, посочува експертот.
Третата рестрикција е каде што владите прават притисоци кај провајдерите, на мобилните опертори и бараат самите да блокираат определени сервиси како ТикТок. Тоа е полесно за нас, смета Аруч, затоа што целиот товар ќе биде врз мобилните оператори и тие можат лесно да набават таква опрема, но успешноста на тоа ќе биде многу варијантна, а децата ќе почнат да бараат решенија како да стигнат до платформата.
Четврта е индивидуална рестрикција, односно, порачува тој, сите родители во Македонија да ја инсталираат алатката Parental control.
-Со неколку долари на годишно ниво, но и со бесплатна опција, можат да набават апликација за блокада на определени апликации на мобилните телефони на нивните деца. Ова е најлесниот начин, но е индивидуално. Сепак не верувам дека во Македонија имаме свест за да можеме да ги блокираме со тоа, затоа што ќе почнат децата да плачат и да скокаат и за да немаме проблем, ќе им дозволиме да го користат ТикТок, анализира експертот.
Ефектите од евентуалното блокирање
Психологот и гешталт психотерапевт Радмила Манчевска во разговор за „Локално“ вели дека е крајно време да се стави контрола на тоа кои содржини децата смеат да ги следат.
-ТикТок во повеќето случаи го покажал своето негативно влијание, посебно ако се има во предвид дека на ТикТок нема селективност во однос на содржините кои се споделуваат. За детската и адолесцентската возраст тоа е како “оружје”со кое тие не знаат да раководат посебно ако се има во предвид дека оваа возраст во голем степен се идентификува со моделите кои се пласираат, а кои често се со асоцијални карактеристики, истакнува психологот.
Според неа, самото укинување на Тик Ток може да отвори простор за пореален контакт на младите со реалноста и поголема можност училиштата и родителите да влијаат преку одредени активности и позитивни примери за еден поздрав пристап во развојот на младата личност.
На иста линија е и психологот Никола Дукоски. Тој во разговар за „Локално“ вели дека ќе има негодување кај младите, особено кај адолесцентите затоа што секоја промена која ги ограничува нивните права ја прифаќаат со негодување и отпор, што е сама по себе одлика на нивната развојна зрелост.
-Ја поддржувам таа одлука како психолог – само со ускратување на одредено право може да се сфатат неговите последици, а од друга страна младиот човек да најде соодветна замена како да ги презентира своите интимности, а и социјално-пожелните работи, посочува Дукоски.
Сепак, порачува дека ако се соодветни ограничувањата и образложенијата, со тек на време младите ќе го прифатат моментот.
-Знам дека забранетото е послатко, но не стравувам од тоа, туку повеќе гледам во правец на моментот дека државата треба да се грижи за оние што користат нешто кое што не знаат како да го користат, рече психологот и додава:
-Многу е значајно еден по еден да се средуваат проблемите, без разлика од каде е стартна точка. ТикТок е нешто каде што возрасните не се многу присутни. Многу ми смета делот кај што младите се еден вид „воајери“ на социјални мрежи, а од друга страна на ТикТок премногу се експонираат и ставаат нешто кое што не е целосно поддржано, а од друа страна е премногу ексцентрично и нападно.
Дукоски потенцира дека е поборник за едукација пред рестрикција.
-Возрасниот и едукаторот претходно добро да го познава материјалот, без разлика од кој аспект е авторитетот, за да може да го пренесе пред да го забрани, заклучува психологот.
Н.П.