„ТикТок анестезиологот“ остана без лиценца, Комората му ја зема во наредните седум години

од Nikola Popovski
185 прегледи

Лекарската комора донесе одлука за времено одземање на лиценцата за работа на анестезиологот Ваљтон Дервиши, вработен во Клиничката болница во Тетово, поради тоа што со објава на видеоснимка од гинеколошкото Одделение на болницата во живо на социјалната мрежа Тик-Ток ја искористил својата позиција и ги нарушил правата на пациентите и нивното достоинство, а со тоа го нарушил и угледот и честа на лекарската професија.

-Судот на честа при Лекарската комора на Република Северна Македонија на денешната седница донесе одлука за привремено одземање на лиценцата за работа на д-р Ваљтон Дервиши, специјалист анестезиолог, вработен во ЈЗУ Клиничка болница Тетово. Лиценцата за работа на докторот привремено се одзема за период од 7 години, што согласно правните прописи е максимална казна што може да се изрече за етички прекршок во работењето.
Судот на честа утврди дека докторот сторил повреда на Кодексот на медицинска деонтологија на ЛКРСМ како и Меѓународниот кодекс на медицинска етика, велат преку соопштение од Лекарската комора.

Од таму додаваат дека тој како лекар е должен да ги почитува и штити правата на пациентите и да ја чува нивната доверба и тајност на медицинските податоци.

Од таму пред неколку се извинија на пациентките кои биле снимени, без да бидат прашани.

-По истекот на минималните временски рокови, Судот на честа ќе заседава за конечна одлука. Идната недела треба да има финална одлука. Законски е дозволено привремено одземање на лиценца до 7 години, ако нема судска пресуда, велат од Комората.

Додаваат дека трајно одземање на лиценца е по одлука на суд за несовесно лекување, што завршило со смртен исход на пациент.

Пред два дена, Основното јавно обвинителство Тетово до Основниот суд во Тетово поднесе Обвинителен предлог против Дервиши за кривични дела – Несовесно работење во службата од член 353-в став 2 во врска со став 1, како и Неовластено снимање според член 152 став 2 од Кривичниот законик.

Во спроведената претходна постапка биле прибрани докази кои го поткрепуваат основаното сомнение дека обвинетиот, како службено лице – анестезиолог вработен во ЈЗУ Клиничка болница во Тетово, на 14 април неовластено направил снимка од пациенти и вработени и ја објавил во живо на социјална мрежа, со што постапил очигледно несовесно во вршењето на своите овластувања и должности и потешко ги повредил нивните права.

Јавниот обвинител до Основниот суд во Тетово достави предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетото лице, кое моментално се наоѓа во затворот „Шутка“ во Скопје.

Претходно анестезиологот беше отпуштен од работното место во тетовската болница.

Слични содржини