Мислам дека не сум единствениот што го не успеал да го разбере законот за јазици, бидејќи се работи за многу комплициран текст, барем во однос на неговата содржина, но и на последиците. Од друга страна, да бидам целосно искрен, постои простор за подобрување во самиот текст и тоа е возможно затоа што станува збор за разговори, ова е процес којшто сè уште не е завршен и не би сакал да се изјаснувам, вели францускиот амбасадор Кристијан Тимоние во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Законот за употреба на јазиците ја подели јавноста во однос на оправданоста од негово донесување. Дали законот може да биде причина за нови меѓуетнички тензии во општеството?
Ми поставувате мошне тешко прашање, затоа што уште од првото објавување на текстот, јас се обидов да го прочитам и да го разберам и мислам дека не сум единствениот што го направил тоа и не успеал да го разбере, бидејќи се работи за многу комплициран текст, барем во однос на неговата содржина, но и на последиците. Од друга страна, да бидам целосно искрен, ќе ви кажам дека постои простор за подобрување во самиот текст и тоа е возможно затоа што станува збор за разговори, ова е процес којшто сè уште не е завршен и не би сакал да се изјаснувам. Потоа ќе следи процесот на спроведување, а вашето прашање е одлично од таа гледна точка. Не треба тоа да стане причина за меѓуетнички раздор и мислам дека по реакциите од албанската заедница и другите заедници забележувам дека и покрај критиките, волјата да се живее заедно и да се напредува кон ЕУ се многу понапред од овој закон којшто е многу сложен и најверојатно има важно симболично значење за албанската етничка заедница и ќе треба да се земе предвид./РСЕ