Тимот од Вашингтон за „будење“ на домашните органи за борба против криминалот

од Mimi Spasovska
258 прегледи

Од доаѓањето на тимот од Вашингтон во Македонија, коj според најавите на амбасадорката на САД Анџела Агелер е во функција на поагресивен поглед на минатите и сегашните корумпирани актери, дел од експертската јавност очекува најмногу „будење“ на функционерите во државата чија функција е борбата против корупцијата. Ова според нив е потребно за да може Македонија да го испорача она што од неа постојано се бара –  расчистување на криминалните афери направени сега и порано.

Вања Михајлова, која е експерт за корупција и поранешен член на антикорупциската Комисија, вели дека добра вест е доаѓањето на тим од Вашингтон за санкции, но оти тоа не нешто што се случува првпат во некоја земја објаснувајќи дека во својата работа таа увидела дека во некои земји на Источна Европа странски експерти доаѓале со слична агенда.

Вања Михајлова

Вања Михајлова

Со оглед на тоа дека во изминатите години имавме странска помош, а државата не успеа да добие правосуден систем по западен модел, овие чекори на САД сепак и не се најповолни за имиџот на земјата, вели Михајлова во разговор за „Локално“.

„Тоа значи дека ние не си ја вришме работата, штом од надвор доаѓа стручен тим и покрај сите убедувања или препораки што ни беа кажувани. Но, мислам дека тоа е добро. Да ве потсетам, тоа беше случај пред повеќе години во Романија, се сретанав на тие меѓународни конференции со експертите кои беа со тогашната романска обвинителка Моника Маковеј која се бореше пртив организраниот криминал. Тогаш имаше експерти од Англија кои доаѓаа и и помагаа. Така што ова не е ништо ново. Таму каде што веќе властите не се силни или нема доволно политичка воља тогаш веќе од надвор се засилува тимот со искусутво, не со притисок туку сепак со помош и тоа е позитивно иако не е поволно за земјата кога вие не можете сами да се справите со корупцијата или само декларативо се справувате, изјави Михалова за „Локално“.

Очекува дека можеби ќе се разбудат нашите органи иако многу не очекува од јавното обвинителство со оглед на последниот избор.

„Не очекувам позитивни промени. Тука треба човек кој има икуство, кој  има интегритет и кој не подлежи на притисок. Ако Јавен обвинител , еве како оние кои гласаа подлежи на притисок за кого да гласа тогаш може да замислите на се какви се други притисоци ќе подлежи“, коментира Михајлова осврнувајќи се на случајот со Советот на јавни обвинители и неможноста за обезбедување кворум за гласање на Виш јавен обвинител.

Како што е познато Фатиме Фетаи и Бурим Рустеми ги повлекоа кандидатурите, а единствен кандидат останува обвинителот Мустафа Хајрулахи

Во изминатиов период борбата против корупцијата е предмет на отворени критики од меѓународната заедница.

Изборот на новиот шеф на Обвинителството за борба против организираниот криминал и корупција кој има познанства со првите луѓе на ДУИ, ја збуни американската амбасадорка Анџела Агелер, зашто како што рече, „САД потрошија милиони долари на обука на обвинители“ во правосудниот систем.

По реакцијата на Агелар, потоа и евроамбасадорот Дејвид Гир изрази разочараност од динамиката на прогресот во владеењето на правото.

Оттука доаѓањето на тимот од Вашингтон во јавноста отвори прашања и дилеми  дали  тоа ќе значи дека фокусот ќе биде и врз актуелни политичари и ќе има вклучување на нови лица на листата на санкции на САД (т.н. црна листа), или пак ќе биде само за стручна помош за институциите во државава.

Михајлова вели дека имаме и сега луѓе на црна листа но оти тие уште имаат влијание во правосудтвото, илустрирајќи го тоа со примери за предмети кои или застаруваат или за кои не се подигнуваат обвиниенија. Таа очекува фокусот на тимот од Вашингтон повеќе да биде ставен врз правосудниот системза да обезбеди процесуирање на предмети и случаи за кои нема епилог.

„Некои лица може и да се најдат на црната листа ,но колку тоа ќе влијае не сум баш сигурна Пак некој ги влеќе конците, како што беше случај досега . Повеќе очекувам и притисок но и помош, а повеќе мислам дека е стравот, за да почнат тие што се именувани да ја вршат конечно функцијата, да не наоѓаат на пример оправдувања за одложувања на рочишта.  Зашто посебни критики доаѓаа за правосудниот систем. За тоа се рботи повеќе за правосудниот систем, з а да почнат да се процесуираат оние случаи на корупција кои беа објавувани во јавноста а немаше завршница. Ќе бараат извештаи зашто предметите не с е процесуираат зошто одрдени предмети на висока корупција се заташкуваат или не се преземаат мерки”вели Михајлова.

Таа  потсетува дека на пример и за проектот Скопје 2014 се уште нема судски епилог,  ниту  пак за пожарот во болницата во Тетово во која имаше загинати. „Судските рочишта се одложуваат со години под најразлични објаснувања и на тоа треба да се стави крај“, вели Михајлова.

Владата најави дека преку обезбедување непречена работа на институциите, внимавање на интегритетот и професионалноста на оние кои ги водат институциите и политичка волја, ќе се бори против корупцијата.

Против корупцијата премиерот Димитар Ковачевски кажа дека, меѓу другото, ќе се бори и со ветинг.

Михајлова вели дека за успех во тоа треба да се тргне од оние кои најмногу биле посочувани во јавноста, кои располагаат со имот кој не соодејствува на нивните примања.

„Секаде во светот искуствата покажуваат дека корупцијата продолжува да постои ако сторителите на злоупотреби не се казнуваат. Почнувајки од високата корупција – за  да нема корупција треба да има одговорност за сторителите и да има и конфискување на имотот. Само на тој начин може да се испрати порака и до пониските ешалони и до граѓаните дека треба да има владеење на правото и дека корупцијата не се исплати. Во Албанија не беа добри искуствата, иако таму многу од судиите и обвинителите се повлекоа од функциите, но не одговараа пред Законот. Ќе се збогати некој, ќе се повлече од функцијата па ќе си отвори своја канцеларија. Штом нема одговорност и конфискација на незаконски зарботеното, ефектите од борбата против корупцијата не може да бидат видливи и тоа не е некоја поука дека корупцијата не се исплаќа“, истакнува таа.

И напредокот кон ЕУ  зависи од борбата против криминалот  

Инаку критиките за криминалот и корупцијата како и доаѓањето на тимот од Вашингтон во Македонија се случува во време кога Македонија во Брисел има скрининг за усогласеноста со домашното правосудство со европските закони, како дел од преговорите со ЕУ кои започнаа во јули со прифаќањето на францускиот предлог.

Деновиве амбасадорката на Сојузна Република Германија, Анке Холштајн нагласи дека напредокот на Македонија на патот кон Европската Унија ќе зависи во голема мера и од успешното сузбивање на корупцијата.

Доаѓањето на тимот од Вашингтон меѓутоа Михајлова директно не го доведува во контекст на забрзување на европските интеграции, додавајки дека пред се е потребно спроведувањето на правосудните реформи за граѓаните дома.

„Корупцијата е болка и на земјите од регионот. Романија и Бугарија се во ЕУ но корупцијата е на виско ниво. И Бугарија е под притисок со шенгенот поради ова. Не треба да очекуваме секогаш дека треба да постои владеење на правото зашто тоа ни го бара ЕУ. Тоа е потребно за граѓаните да се направи. Но, изгледа  дека секогаш некој не притиска за да почнеме да си ја вршиме работата“,вели Михајлова.

Џевдет Хајредини, аналитичар и поранешен министер за финансии, коментирајќи го доаѓањето на тимот од Вашингтон и зборовите  на  амбасадорката на САД која отворено кажа дека има корупција во Македонија и дека тоа ќе се санкцинора, вели дека проблемот е длабок и дека ако не се реши тогаш разочараноста кај граѓаните ќе расте.

Џевдет Хајредини

Џевдет Хајредини

Тој посебно се осврнува на изјавата на амбасдорката Агелер која кажа дека „корупцијата доведе до вистинска катастрофа за оваа земја и што голем број млади луѓе не сакаат да останат“.

„Се надеваме дека ова таа му го кажала и на првиот човек на ДУИ“, вели Хајредини потсетувајќи дека Ахмети вчера беше кај Агелер за да и го објасни ветингот како модел во неговата партија.

„САД, преку изјавите на амбасадорката и тимот од Вашингтон „влегуваат“ во голема обврска. Зашто не оти македонските граѓани не знаеле дека е катастрофа како што вели aмбасадорката, тоа го знаеме и ние и сме пишувале. Меѓутоа таа вчера го прими Али Ахмети на средба. Ако сакаат вистина да придонесат тие треба да почнат и да им кажуваат во четри оч  кога ги примаат првите луѓе од партиите, дека Али Ахмети е меѓу главните кој што е на власт и со двете партии и од опозицијата и од властa, а ситуацијата е катастрофа. Ако тоа овојпат не се случи, а јас се сомневам дали американскит дим за разоткривање и санкцинирање на криминалите ќе се оствари така како што очекуваат граѓаните, и во тој случај катастрофата ќе биде уште поголема. Нивното доаѓање нема врска со забрзување на патот на Македонија кон ЕУ, преку искоренување на корупцијата со помош или притисок од САД. Тоа нема врска со ЕУ зашто оваа катастрофа нема да се реши ниту со влезот на Македонија во ЕУ што е крајно неизвесно“, вели Хајредини.

Инаку во последниот извештај на ЕУ за напредокот на Северна Македонија, се наведува дека имаме одредено ниво на подготовка односно дека државата е умерено подготвена во превенција и борба против корупцијата.

Во документот стои дека е постигнат е одреден напредок, со тоа што земјата продолжила да го консолидира својот учинок за истрага, гонење и судење на неколку случаи на корупција, вклучително и на високо ниво и ја зајакнала својата институционална рамка, особено Државната комисија за спречување корупција и Обвинителството за организиран криминал и корупција.

Лани имавме најлош резултат и 111 место на листата за перцепција на корупцијата, а годинава Македонија напредуваше за 24 места.

М.С.М.

Слични содржини