Тимот за интервенции во кризи при Комората на психолози денеска ќе одржи состанок со пожарникарите во Кочани кои учествуваа во гасењето на пожарот и спасувањето на децата од дискотеката „Пулс“.
Од Комората информираат дека досега се ангажирани 32 психолози за активности поврзани со последиците од трагедијата. Од 16 март, тимот за кризни интервенции во соработка со Центарот за ментално здравје при Црвениот крст бил присутен на пунктовите пред болниците „8 Септември“, Ургентниот центар и Градската болница, каде што пристигнуваа повредените и нивните семејства. Ангажирани биле 12 психолози во три смени, кои даваа прва психолошка помош.
На денот на погребот, 15 психолози присуствувале на закопите во Кочани, околните села, Штип, Струмица и Скопје, пружајќи психолошка поддршка на семејствата на загинатите. Паралелно, се одвива и секојдневна работа со семејствата кои изгубија блиски во катастрофалниот пожар.
Дополнително, во училиштата и факултетите е организирана обука за 100 психолози за пружање психолошка прва помош. За таа цел, Комората на психолози има подготвено посебен протокол за работа во кризни ситуации и потребни формулари.
Во пожарот што избувна во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март загинаа 59 лица, а околу 200 беа повредени.