Тинејџер уапсен поради закани кон Хаверц и неговото семејство

од Nikola Popovski
7 прегледи

Тинејџер (17) денеска е уапсен под сомнение дека извршил „злонамерна комуникација“, по заканувачки пораки што преку социјалните мрежи ги добиле фудбалерот на Арсенал, Каи Хаверц и неговата сопруга.

Момчето од Сент Албанс е ослободено со кауција додека трае истрагата, соопшти полицијата во Хертфордшир, а пренесе Би-би-си.

Сопругата на Хаверц, Софија, на својот Инстаграм профил објави две пораки кои ги добила по поразот на Арсенал од Манчестер Јунајтед во ФА Купот, а едната содржи закани за нејзиното неродено дете.

Германскиот напаѓач пропушти шанса која би му донела на Арсенал победа во регуларното време, изнудувајќи пенал со симулирање, но голманот на Манчестер Јунајтед, Алтај Бајиндир, го одбрани неговиот удар во текот на изведувањето пенали.

Хаверц и неговата сопруга се заедно од 2018 година, се венчаа минатата година, а Софија објави дека е бремена во ноември.

Како одговор на заканувачките пораки, Софија напиша дека сторителот треба да се „засрами“, додека тренерот на Арсенал, Микел Артета изјави дека онлајн заканите кон играчите имаат „катастрофални последици“ и се неприфатливи.

Слични содржини