Нападот, според првичните информации, бил насочен кон врсник кој живее таму со мајката и сестрата, пренесуваат германските медиуми.
Берлинската полиција соопшти дека инцидентот се случил околу 7:35 часот на улицата Фојхтвангервег, во населбата Нојкeлн. Сведок видел како тинејџер фрла предмет на балкон во приземје и веднаш потоа бега од местото на настанот.
Набргу потоа следела силна експлозија. Балконот бил зафатен од пламен кој се проширил по фасадата до шестиот кат. Прозорците во погодениот стан и во станот над него биле искршени, а пожарот се проширил и во внатрешноста. Во моментот на експлозијата во станот се наоѓале 14-годишно момче и неговата 53-годишна мајка, кои вдишале чад.
Според информациите, осомничениот подолго време го малтретирал тинејџерот чиј стан бил цел на нападот. Пожарникарите брзо реагирале и успеале да го изгаснат пожарот и да спречат негово проширување на останатиот дел од зградата. Полицијата го уапсила осомничениот во близина, врз основа на опис од сведоци. Мајката и синот биле пренесени во болница, каде што и вчера биле на лекување.
Полицијата наведува дека 14-годишникот е рецидивист и против него ќе биде издаден налог за притвор. Тој се истражува за тешко кривично дело подметнување пожар. Делумно изгорениот стан е ограден и запечатен.
Соседите сведочат дека експлозијата се почувствувала низ целата зграда, а дел од нив посочуваат дека можеби станувало збор за бомбеста направа со кружна форма. Германските медиуми пишуваат дека во погодениот стан живее 53-годишна самохрана мајка со својот 14-годишен син и 18-годишна ќерка, а целта на нападот наводно бил помладиот син, кој подолго време бил изложен на малтретирање од сега уапсениот напаѓач. Истрагата е во тек.