На последниот настан отворањето на почетокот на изградбата на новиот автопат Тетово – Гостивар, каде што присуствуваа повеќе политички фигури, забележливо беше отсуството на комуникација меѓу Арбен Таравари и поранешните соработници од коалицијата „Вреди“. Иако се најдоа на исто место, Таравари не се поздрави со Изет Меџити и Билал Касами, актуелни лидери на новообединетата албанска политичка платформа. За разлика од нив, Таравари оствари краток и формален поздрав со премиерот Христијан Мицкоски.
Политичката иднина на Таравари сè уште е неизвесна, откако ја напушти коалицијата „Вреди“. Дали ќе остане дел од новата влада ќе зависи од исходот на најавената средба со премиерот Мицкоски, за која од ВМРО-ДПМНЕ информираат дека ќе се одржи во понеделник.
Интересно, само еден ден претходно, Таравари беше забележан како се поздравува со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во Слупчане — гест што предизвика различни толкувања во политичките кругови.
Во меѓувреме, коалицијата „Вреди“, која неодамна се трансформираше во обединета партија, веќе ги претстави своите првични кандидати за претстојните локални избори. Билал Касами ќе се кандидира за градоначалник на Тетово, Висар Ганиу за Чаир, Фатмир Лимани за Кичево, Менди Ќира за Струга, а Висар Адеми за Гостивар.
Очекувањата се дека претстојната средба меѓу Таравари и Мицкоски ќе даде појасна слика за понатамошните политички чекори на лидерот на Алтернатива.