Видеото од разговорот на Елон Маск и новинарот на Би-Би-Си, Џејмс Клејтон, масивно се шири на социјалните мрежи. Извршниот директор на „Твитер“ во разговорот го обвини новинарот на Би-Би-Си дека не може да наведе примери за дозволен говор на омраза на овој социјален медиум.
Новинарот на Би-Би-Си го праша Маск како планира да се справи со инцидентите со говор на омраза објавени на Твитер. Кога Маск побара од репортерот да наведе некои примери на говор на омраза на Твитер, репортерот одби да го стори тоа.
„За каков говор на омраза зборувате? Мислам, користите Твитер. Дали гледате зголемување на говорот на омраза? Некоја лична анегдота? Не сте способни да наведете?! Мислам дека тоа е апсурдно, лажете“, реагираше милијардерот.
„Барам еден пример, а вие не можете да дадете ниту еден. Тогаш велам, господине, дека вие не знаете за што зборувате. Не можете да ми дадете ниту еден пример за содржина со омраза, дури ниту еден твит. А сепак тврдевте дека содржината е полна со омраза. Тоа е лага, вие лажете“, инсистираше Маск.
За потсетување, Би-Би-Си неодамна беше означен од Твитер како „медиум финансиран од владата на Велика Британија“, што доведе до остра реакција на британската јавна телевизија.
Во интервјуто, Елон Маск го обвини Би-Би-Си за прикривање на несаканите ефекти од вакцинацијата против Ковид и за ширење дезинформации за маските.
„Дали Би-Би-Си се смета себеси за одговорна за дезинформациите за маските и несаканите ефекти од вакцинацијата? Вие воопшто не известувавте за тоа“, рече Маск. „А што е со фактот дека Би-Би-Си беше под притисок од британската влада да ја промени својата уредувачка политика?“.