Точи за „македонските мозоци во САД“: Не се откажав од истражувањето поради притисоци, ова е единствено нешто што не сум го истерала до крај

„И тогаш останав сама, како и сега, ама не престанав да зборувам гласно и јавно да се препукувам со дотичниот проф. од Колумбија, дури и на социјалните мрежи“, објави новинарката Точи

од Nikola Popovski
27 прегледи Фото: Фејсбук

Новинарката Менче Точи за време на нејзината кариера кога работела во А1 телевизијата дошла до сознанија дека од Македонија се носат мозоци на испитување на Унвиерзитетот Колумбија. По информациите таа започнала да истражува, а првата потврда пристигнала од Психијатриската болница во Скопје од тогашниот директор.

„Информациите говореа дека таму има пациенти кои остануваат со години, по 20 по 30 години заборавени од семејството. Тоа е како еден мал град умираат луѓе. Што се случувало не знам, но патот ме одведе до професорот Колумбија (Росоклија), ме однесе до Судска медицина и до Царина. Кога јас требаше да тргнам со проектот веќе имав четири страни“, рече вчера новинарката Точи во емисијата „Топ Тема“.

Точи посочи дека кога стапила во контакт со професорот, тој не сакаал да зборува. „Проектот бил завршен и немало зошто јавноста да се занимава со тоа“, рече Точи и додаде дека Росоклија во неколку наврати вршел притисок тоа да не се објавува.

Сепак, денеска новинарката објави дека се откажала поради околности, а не поради притисоци.

„Дечки, смирите доживљај. За тие што не разбрале, не сум се откажала од истражувањето поради притисоците, (тоа не може да ми се случи мене) туку заради други околности. Читајте убаво пред да коментирате( за неупатените со зли јазици) И тогаш останав сама, како и сега, ама не престанав да зборувам гласно и јавно да се препукувам со дотичниот проф. од Колумбија, дури и на соц.мрежи. Сте читале, ама брзо заборавате. Заспаноста така прави понекогаш“, тврди Точи во својата јавна објава.

Порача дека е благодарна што имала можност јавно да го раскаже патешествието за овој случај.

„Ова е единствено нешто што не сум го истерала до крај, ама под тој збир на околности беше невозможно. Не ми треба публицитет, не се секирајте, го имам доволно и ми смета секогаш искрено настапував, така и сега. Благодарам и на поддршката и разбирањето што ги добив од огромен, огромен број луѓе. На нив ете, не им требало пошироко објаснување, сфатиле. Сега, од оваа перспектива, смирено гледам и се мислам дали некои луѓе воопшто ја заслужиле мојата беспоштедна борба низ текот на годините“, истакнува новинарката.

„На Медицинскиот факултет имаше Етички комитет којшто даваше дозвола да се врши транспорт на мозоци за научни цели“, објаснува професорот Алексеј Дума, поранешен прв човек на Институтот за судска медицина. „Мораше сериозно образложение да се напише за ткивото да се прати.“

Професорот Дума вели дека и тогаш имало шпекулации дека се носеле мозоци за трансплантација и продажба на црн пазар, но мозок не може да се трансплантира. Во тоа време во Македонија годишно се правеле околу 350 обдукции, од нив десетина пациенти биле со шизофренија или извршиле самоубиство. Што значи дека од онаа банка од 1.000 ткива, 10 проценти се ткива од кај нас, вели професор Дума.

Актуелниот директор на Судска медицина вели во институцијата нема договор за научна соработка во којашто се испраќаат ткива или органи.

Македонија се најде во документите што американското Министерство за правда ги објави јавно, а се однесуваат на починатиот милијардер осуден за трговија со бело робје, педофилија и силувања Џефри Епстин.

Слични содржини