Според православието, денеска е Тодорова сабота или Тодорица, првата сабота по Прочка. Именден слават Тодор, Тодорка, Теодор, Теодора, но и Божидар и сличните варијации.
Истите имиња слават и на Божик, бидејќи коренот и значењето се идентични, односно Теодор/а, Тодор/ка имаат значење „дар од Бог“.
Јавувањето на Св. Теодор Тирон и укажувањето на подлите намери на царот Јулијан Отстапник биле повод да се востанови празникот Тодорова Сабота, што се празнува во првата сабота од Велигденските пости, односно првата сабота по Прочка.
За Тодорица се врзани повеќе обичаи и традиции. Во западна Македонија, на овој ден, се собирале ергените и невестите од повеќе села кои биле облечени во народна носија. Тие со своите родители шетале низ поголемите градови од западниот дел и така се запознавале и се бендисувале. Затоа, овој празник многумина го викаат „денот на бендисувањето“ или денот на љубовта.
Тодорица е и празник на градот Свети Николе, кој оваа слава ја одбележува со пригодни манифестации, но и со традиционалниот панаѓур во центарот на градот.