Тодоров за спорот со Бугарија: Во 2020, Јапонците прават летачки автомобили, а ние сме заглавени во минатото

од Nikola Popovski
262 прегледи

Во интервју за бугарски „Дневник“, поранешниот министер за здравство од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Тодоров изјавил дека во спорот со Бугарија, една е политиката, а друга се чувствата и расположението на граѓаните.

„За жал, овој проблем е прашање на длабоки емоции и кај Македонците и кај Бугарите. Згора на тоа, од двете страни на границата има политичари и социјални активисти кои ја градеа и одржуваа својата кариера токму по ова прашање. Ако проблемот исчезне, тие ќе останат без видливост и без работа, бидејќи ќе исчезне потребата за нивно политичко постоење. Затоа, ваквите политичари и во Бугарија и во (Северна) Македонија очајно се обидуваат да го одржат жив проблемот меѓу двете земји, па затоа често додаваат масло на огнот. И кога играте со емоции, со чувства, тогаш е многу лесно да запалите оган, да создадете омраза, поделба, непријателство. Балканот е таков со векови затоа што сите страдаме од хронична неможност да гледаме подалеку од носот. Како што неодамна напишав: „Никој не може да ги убеди два милиони Македонци или осум милиони Бугари во спротивното. Без разлика колку преговори да направите или отстапки, тие достигнуваат до црвената линија, која кај Македонците значи дека Гоце Делчев е Македонец, а кај Бугарите дека Гоце Делчев е Бугарин “, вели Тодоров.

Според него, во 2020 година, кога Јапонците зборуваат за летачки автомобили и замислуваат да се движат со брзина од 380 км на час, ние сме заглавени во историјата, расправајќи се за луѓето и настаните од пред еден век, два или десет века.

„Тогаш се прашуваме зошто заостануваме неколку децении и зошто нашиот квалитет на живот и стандард се далеку под стандардот на развиениот свет. Затоа велам дека не сме во состојба да гледаме подалеку од носот, затоа што наместо да гледаме напред, гледаме наназад кон минатото, затоа не можеме да видиме каде отиде развиениот свет во меѓувреме. Се надевам дека Заев и Борисов ќе најдат решение. Како што рече Толстој, двајцата најмоќни воини се трпеливоста и времето. Мислам дека решението за овој спор лежи токму тука, треба трпеливост и време. Овој проблем, кој тлееше со децении, не смееме да го ставаме во контекст на кратки рокови или уште полошо, во контекст на следните избори, какви и да се, од која било земја“, потенцира Тодоров.

Слични содржини