Најверојатно се работи за несакан инцидент. Нема дилема дека ракетите што паднаа вчера во Полска се Украински, односно се работи за ракети 5В55 кои што се дел од ракетниот ПВО систем С-300П, кои што се во составот на украинската ПВО одбрана, вели во разговор за „Локално“ Дарко Тодоровски, магистер по меѓународни односи и воен аналитичар кој живее во Русија за вчерашните експлозии во Полска на самата граница со Украина.
Според него, тој систем е распореден во регионот на Лвов и тие ракети имаат домет од 75 км, односно нема како да долетале ниту од Русија, ниту од Белорусија.
-Се работи за ПВО систем од ерата на СССР, исто и ракетите се од тој период, што значи дека се стари. За време на вчерашните масовни авио и ракетни напади со крстаречки ракети на армијата на Руската Федерација, беа истрелани и 6 крстаречки ракети по клучни енергетски објекти на Украина во регионот на Лвов. Најверојатно во обид да го спречат рускиот ракетен удар, единиците на украинската ПВО одбрана, односно системот С-300П дејствувал. Но бидејќи се работи за стар систем и ракети, ракетите ја промениле својата траекторија и паднале на територијата на Република Полска, истакнува Тодоровски.
Тој се осврнува на фактот дека Повеќе извори од САД и НАТО ја потврдуваат оваа верзија.
-Исто и претседателот на Турција Ердоган ја потврди. Дури и претседателот на САД Бајден изјави дека според траекторијата на ракетите тие не се руски. Дури и западните медиуми, како и медиумите во Источна Европа ја променија својата риторика, од тоа дека тоа се руски крстаречки ракети, па се до тоа дека се работи за ракети од руско производство, и на крајот дека се работи за несакан инцидент, и дека ракетите се украински, појаснува аналитичарот.
Тодоровски не очекува ескалација помеѓу Русија и НАТО, бидејќи, како што вели, тоа би значело Трета Светска Војна, употреба на нуклеарно оружје и крај на човештвото.
-Вчерашните ракетни напади кои што беа изведени во 5 серии од страна на армијата на Руската Федерација се најмасовните од почетокот на војната, и ситуацијата во украинскиот енергетски систем после нив е критична. Тоа ќе има резултат на долги стази, како на воен, економски, социјален, политички, па и на психолошки план. Јас очекувам НАТО да се обиде да го зголеми обемот на воена помош за Украина, пред се ПВО системи. Но прашање е колку и какви системи НАТО може да и испорача на Украина брзо. Украина е огромна на територија, и потребни се голем број на разни батерии ПВО системи од краток, среден и долг рок, плус нивна интеграција за да се заштити колку толку небото над Украина. Но тоа е невозможна мисија, потенцира соговорникот.
Аналитичарот е дециден дека дека нема да дојде до активирање на членот 5 на НАТО.
-Ракетите се украински, и овој инцидент брзо ќе се заборави, како инцидентот на почетокот на војната, кога украински ПВО систем С-300 сруши романски МиГ-21 Lancer над небото на Романија, смета Тодоровски.
На прашањето дали како земја сме подготовени да помогнеме во ваква ситуација или при евентуално влошување, воениот аналитичар вели дека Македонија ниту е подготвена ниту има како да му помогне на НАТО доколку започне директен конфликт помеѓу Русија и НАТО.
-Таа војна ќе биде нуклеарна, а во тој случај Македонија нема со што да му помогне на НАТО, оценува Тодоровски.
Откако во вторникот вечерта паднаа две ракети врз едно село во Полска, при што загинаа две лица, целиот свет стравува дека може да дојде до ескалација на војната.
Се верува дека ракетите се од руско производство, но се уште не е јасно „од каде и како“ пристигнале на територијата на членката на НАТО.
Штом пристигна веста за падот на ракетите од руско производство во Пржеводов, американскиот претседател Џо Бајден одржа итен состанок со Г7 и сојузниците од НАТО на маргините на самитот на Г20 на Бали.
Недолго потоа се огласи и рече дека тешко дека проектилот што ја погоди територијата на Полска и уби две лица е истрелан од Русија.
Полското Министерство за надворешни работи претходно соопшти дека ракета од руско производство паднала во селото Пржеводов, во источна Полска, и дека две лица загинале, но полскиот претседател Анджеј Дуда нагласи дека се уште не е утврдено за чиј проектил се работи.
Н.П.