Со децении, рускиот претседател Владимир Путин за некои од најделикатните задачи му се обраќаше на својот лојален помошник, пишува „Њујорк Тајмс“.
Кога Путин стана премиер во 1999 година, го назначи помошникот Дмитриј Козак за негов шеф на кабинетот. Кога Русија во 2007 година го доби одржувањето на Зимските олимписки игри, Козак беше задолжен да управува со подготовките за Игрите.
Кога Русија во 2014 година го анектираше Крим, Козак ја надгледуваше интеграцијата на полуостровот со Русија. Додека Путин насобираше трупи во 2021 година, Козак на американските дипломати им зборуваше за злосторствата што ги врши украинската влада.
Малку е веројатно дека може да го поколеба Путин
Сепак, 66-годишниот Козак повеќе нема премногу одговорности, а многу од неговите овластувања се пренесени на друг главен помошник, Сергеј Кириенко, според три лица блиски до Кремљ, еден западен контакт на г-дин Козак и американски функционер.
Тие тврдат дека Козак го разочарал Путин затоа што јасно му ставил до знаење дека верува оти инвазијата на Украина е грешка. Откако Путин ја започна војната во Украина во февруари 2022 година, Козак приватно рекол дека го советувал рускиот претседател да не го прави тоа, според изворите од Кремљ и западниот контакт, кој имал неколку средби со Козак од почетокот на војната.
Козак годинава им рекол на соработниците дека на Путин му претставил предлог за ставање крај на борбите и одржување мировни преговори, наведуваат извори од Кремљ. Тие додаваат оти Козак посочил дека тој го повикал Путин да спроведе домашни реформи, вклучително и ставање моќни руски безбедносни агенции под надзор на владата и изградба на независно судство.
Малку е веројатно дека овој притисок ќе го поколеба Путин, бидејќи рускиот претседател е претежно опкружен со луѓе кои ги охрабруваат неговите тврдокорни барања за Украина. Сепак, ставовите на Козак ја одразуваат фрустрацијата кај дел од московската елита од неподготвеноста на Путин за компромис во војната и од сѐ понеконтролираната моќ на безбедносните служби.
Роден е во Украина
Козак е единствениот висок функционер близок до Путин за кој се знае дека отворено зборува за неговото неодобрување на војната, според луѓето блиски до Кремљ, иако тој тие критики не ги изнел јавно.
Козак некогаш беше дипломатскиот спроведувач на кампањата на Путин против украинското свртување кон Западот. Роден е во Украина, служел во советските специјални единици и работел со Путин во Градското собрание на Санкт Петербург во 1990-тите.
Пред да започне војната, Козак зборувал против инвазијата на состанокот на Советот за безбедност, тврдат двајца инсајдери од Кремљ. Неколку дена по почетокот на инвазијата, Путин го отфрли мировниот договор за кој Козак рече дека го издоговорил со Украина, според извештајот на Ројтерс од 2022 година, велат и двајцата инсајдери.
Се чини дека критичкиот став на Козак предизвикал пад на неговиот углед кај Путин. Тој главно престана да се појавува во јавност, додека Кириенко, првиот заменик-шеф на кабинетот ја поддржуваше војната и често патуваше во окупирана Украина.
Путин го користи како посредник кон Западот
Голем дел од одговорностите на Козак за справување со делови од поранешниот Советски Сојуз, како што се Молдавија и сепаратистичките региони на Грузија, оттогаш се префрлени на Кириенко, велат изворите од Кремљ и американскиот функционер.
И покрај ова губење на влијанието, Козак задржал одреден пристап до Путин, сметаат изворите од Кремљ. Фактот дека Путин го држи Козак покрај себе ја одразува лојалноста на рускиот претседател кон неговите долгогодишни помошници, одбележуваат тие.
Путин, исто така, се чини дека го користел Козак како посредник за неофицијални западни емисари кои имаат блиски врски со западните функционери. Западниот контакт на Козак соопшти дека се сретнале со него неколку пати од 2022 година и оти Козак јасно ставил до знаење дека не се согласува со инвазијата.
„Дајте ми аргументи“, често велел Козак, според зборовите на западниот соговорник. Според таа личност, Козак барал идеи како да го убеди Путин да го промени курсот.