„Тој заслужи“: Славната петорка планира повторно да се собере во чест на Метју Пери

од Stefanija Kuzmanovska
280 прегледи

Метју Пери, кој почина минатиот месец, зад себе остави голем број улоги, а публиката посебно го засака во култната серија „Пријатели“ каде беше дел од славната шесторка.

По неговата смрт, колегите од популарната серија се во преговори повторно да се соберат за да му оддадат почит на Метју Пери на сцената на овогодинешното доделување на наградите Еми.

Имено, Џенифер Анистон, Кортни Кокс, Лиза Кудроу, Мет Лебланк и Дејвид Швимер започнале преговори кои се уште се во рана фаза, со цел на уникатен начин да му оддадат почит на својот починат колега.

Членовите на актерската екипа сакаат да ги споделат своите спомени за Пери, кој го играше Чендлер Бинг во хит серијата.

„Кога станува збор за смртта на Метју, емоциите сè уште се на високо ниво и се уште е многу чувствителна ситуација, што е сосема разбирливо“, изјавил извор за DailyMail, додавајќи:

 

„Но, Џен, Лиза и остатокот од актерската екипа сакаат јавно да му оддадат почит која ја заслужува – и се зборуваше дека тоа ќе го направат на Еми наградите следната година“.

Омилениот актер беше пронајден мртов во неговото џакузи на 28 октомври на 54-годишна возраст. Причината за смртта е одложена во очекување на резултатите од токсиколошкиот извештај.

„Сите би сакале да се соберат на сцената, да зборуваат за него и да има посебен сегмент каде секој поединечно ќе споделува спомени за починатиот актер и ќе му опише на светот каков бил човекот во реалниот живот“, објаснил изворот и додал:

 

„Доколку сите се согласат за ваков вид на оддавање почит и добијат дозвола од неговото семејство, тие сигурно ќе се соберат за да ја направат оваа вечер посебен момент за Метју и сите кои го сакаа“.

75-тото доделување на Еми наградите треба да се одржи на 15 јануари во Лос Анџелес.

Да потсетиме, Метју Пери беше номиниран за пет Еми награди за време на неговиот живот.

Слични содржини