Томевски: Има оштетувања на ролетни од околните згради, стара болка е пристапот до хидранти

од Nikola Popovski

Командирот на ППЗ на Град Скопје, Звонко Томевски информира дека во гаснењето на пожарот во Универзалната сала учествувале девет противпожарни возила со 24 пожарникари. Пожарот бил ставен под контрола за кратко време.

Томевски посочи дека не се знаат причините за пожарот и тоа треба да го утврди полициска екипа.

-За среќа нема повредени од колегите. Немало ниту градежни работи во моментот. Само материјалната штета која е евидентна. Имаше густ час и доста висока температура. Има оштетувања на ролетните од соседните објекти, но за среќа нема повредени, информира Томевски.

Поради високата температура, се уште не може да се пристапи до сите места во Универзалната сала.

За проблемите со пристап до хидрантите на булеварот „Партизански одреди“, командирот на ППЗ вели дека тоа е стара болка и секогаш се трудат сами да донесат вода на местото на пожарот.

-Можеме да имаме вода колку што сакаме, но немаме доволен број на пожарникари. Апелирам до властите за одобрување на вработувањa, да земат во предвид дека се потребни нови пожарникари во пресрет на летна сезона. Што побрзо ни се потребни нови лица, побара Томевски.

Слични содржини