Директорот на СОЗР, Ивица Томовски денеска уште еднаш порача дека добитникот на тендерот за обезбедување на државни објекти, компанијата „Праеториан“, на никаков начин не е поврзана со него, ниту му припаѓа на некој негов роднина. Томовски е дециден дека опозицијата спроведува чиста дезинформација и обид за манипулација на јавноста.
Тој го повика СДСМ да достави се што имаат до Јавното обвинителство и до ДКСК, како и самата Антикорупциска да го испита случајот, уверувајќи во исправноста на неговата одлука.
СДСМ денеска излезе со повеќе информации за роднини на директорот на СОЗР по последните обвинувања за тендерот со обезбедување на државните објекти. Организацискиот секретар на партијата, Мартин Костовски упати неколку прашања.
-Дали лицето Дарко Гашиќ, негов роднина, кој има регистрирано фирма на иста адреса со подружницата на „Праеторион ДООЕЛ“ во Охрид, имал проблеми со законите во соседна Србија? Дали неговиот роднина, Дарко Гашиќ бил уапсен во Србија, заедно со уште 9 други лица, осомничени дека извршиле убиство? Дали Гашиќ викан Праки учествувал во крвава пресметка меѓу две криминални банди во Белгард на 10 ноември 2008 година која резултирала со двајца загинати, кажа тој на прес-конференција.
Костовски изнесе податоци и за уште скандал, кој, како што вели, е поврзан со Томовски.
-Дали неговиот роднина Власе Танаскоски, кој ја раководи подружницата на „Праеториан ДООЕЛ“ во Охрид лежел во затвор во Албанија заради трговија со дрога? Дали овие денови во Калишта Танаскоски организирал ручек на којшто присуствувал и министерот Панче Тошковски? И конечно, дали е ова обид за создавање на нова СГС агенција на ДПМНЕ каде ќе со партиски рекетари и бандити ќе се контролираат држаните институции и ќе се перат пари? Исто како во време на режимот, истакна поранешниот пратеник.
ВМРО-ДПМНЕ смета дека СДСМ го напаѓа директорот на СОЗР, Ивица Томовски бидејќи ѝ заштедил на државата пола милион евра. За обвинувањата на Мартин Костовски, од партијата на Христијан Мицкоски велат дека споменатото лице околу изборот на фирмата за обезбедување на државните објекти не е роднина на Томовски.
-Што се однесува до споменувањето на некои лица коои се поврзани наводно со криминал, а се доведени во конотација со Томовски, тоа е исто како ние да кажеме дека на Филипче роднина е Раде Штекли и зошто го штител, и дали заедно дилале дрога. Но, очигледно за СДС, не е проблем да продолжат како до сега да лажат и да штитат криминалци, и за разлика од СДС, ние не шпекулираме туку се служиме со факти и прашуваме. Го прашуваме Пеце Мирчевски екс-директорот на СОЗР, каде оделе половина милион евра годишно или за 6 години 3 милиони евра кои сега Томовски ги заштедува, дали е точно дека завршувале кај тандемот Зечевиќ Ковачевски, претходно кај Заев, а дел во партиската каса, прашаа од ВМРО-ДПМНЕ.
Вчера од партијата на Венко Филипче обелоденија документи според кои, како што велат, тендер вреден 3,5 милиони евра добила фирма во која роднина на директорот Томовски станува раководител на подружница од истата фирма во ек на самата тендерска постапка.
Фирмата „Праеториан“ од Скопје заедно со „Фил-руж“ од Свети Николе ќе врши „физичко, техничко и патролно обезбедување на објекти на државната управа“ во следните три години за сума од 187 милиони денари или околу три милиони евра. Тендерот е спроведен од владината Служба за општи и заеднички работи. Одлуката за избор на најповолен понудувач е донесена на 23 декември 2024 година, а во меѓувреме е потпишан и договорот.
Радио слободна Европа (РСЕ) пред три дена објави дека СОЗР склучила договор за обезбедување на државните објекти со компанијата „Праеториан“, во која Власе Танаскоски, роднина на директорот Ивица Томовски, е раководител на подружница во Охрид. Се наведува дека СОЗР го распишала огласот на 10 октомври 2024 година. До тој момент, компанијата „Праеториан“ е во сопственост на Тадеуш Јарчев, а како управител е заведена Анета Јарчева.