Тони Надал, вујко и поранешен тренер на Рафаел Надал, верува дека неговиот внук ќе игра на овогодинешниот Вимблдон и покрај тешката повреда на стапалото, поради која добиваше неколку инјекции со анестезија пред секој меч на патот до 14. титула на Ролан Гарос.
„Да, тој ќе игра на Вимблдон“, изјави Тони Надал во саботата.
– Кога разговаравме вчера, ми рече дека се чувствува многу подобро. Сака да тренира – додаде Тони Надал и откри дека неговиот внук следната недела ќе биде на „Мајорка опен“, но нема да игра туку ќе ја искористи можноста да тренира на трева.
Надал претходно оваа недела беше подложен на радиофреквентна терапија со цел да добие сличен ефект на стапалото како инекциите што ги примал во Париз, но на подолг период. Според Тони Надал, првите резултати од терапијата се многу позитивни.
„Вимблдон“ започнува на 27 јуни.