На последниот состанок на Мешовитата бугарско-македонска комисија за историски прашања не е постигнат опиплив напредок во решавањето на прашањата, изјави членот на комисијата проф. Кирил Топалов.
Учесниците во неа најголем дел од времето разговарале за записниците од 14-тата и некои наредни средби, а средбата во петок е 19-та по ред.
„Затоа и јас и моите колеги изразивме став дека е апсурдно да се разговара за минатогодишниот записник. Препорачавме во блиска иднина после секој состанок записникот да се усвои во разумен рок и дури потоа да се оди на нов состанок“, рече проф. Топалов.
Според него, македонските историчари ја покажуваат својата „непопустливост и намерно доцнење во решавањето на важните прашања“, бидејќи очекуваат официјална Софија за еден месец да го укине ветото и да почне преговори за членство во Европската унија.
„Мојот впечаток е дека се цврсто убедени дека ќе бидат пуштени. А ова се уште е далеку од сигурно дека ќе се случи, барем засега нема такви индиции“, вели Топалов.
„На почетокот на нашата заедничка работа имавме големи надежи дека нашите колеги ќе бидат поконструктивни, бидејќи впечатокот ни беше дека добро ги знаат историските факти и ќе бидат пообјективни“, вели бугарскиот историчар.
„За жал, се чини дека ги консолидираат своите позиции, кои се далеку од историската вистина и се чини дека сè повеќе не сакаат да решат никакво прашање. Жално е кога гледате дека научниците се спремни да кажат дека црното е бело, доколку така им диктираат политичките позиции на властодршците“, додава тој.