Тополова Исајловска избрана за нов в.д. државен јавен обвинител

Како што беше посочено на седницата, Тополова Исајловска ќе ја извршува функцијата до именувањето на нов државен јавен обвинител, но не подолго од шест месеци

од Nikola Popovski
32 прегледи Фото: Фејсбук

Анита Тополова-Мисајловска е избрана за вршител на должноста државен јавен обвинител на Република Северна Македонија. Одлуката беше донесена едногласно на денешната седница на Советот на јавни обвинители. Тополова-Мисајловска доаѓа на местото на Љупчо Коцевски, кој на 17 декември поднесе неотповиклива оставка, по што Собранието истиот ден го констатираше престанокот на неговата функција.

Според информациите, таа била единствениот предлог на седницата.

Тополова Исајловска во моментов ја извршува функцијата заменик државен јавен обвинител, а нејзиното професионално искуство во Обвинителството се протега повеќе од една деценија и пол. За јавен обвинител првпат е избрана во 2009 година, во 2013 година преминува во Вишото јавно обвинителство, а три години подоцна е унапредена во републичка јавна обвинителка и станува заменичка на тогашниот државен јавен обвинител Марко Зврлевски.

Во рамки на Јавното обвинителство, Тополова Исајловска веќе неколку години раководи со одделението за меѓународна правна помош.

Како што беше посочено на седницата, Тополова Исајловска ќе ја извршува функцијата до именувањето на нов државен јавен обвинител, но не подолго од шест месеци.