Торо Росо со нова верзија на моторот од Хонда, Ред Бул се враќаат на претходната на Рено

од Vlatko K

Торо Росо најверојатно ќе добијат новата спецификација бр.3 на моторот на Хонда уште за следната трка во Русија. Очекувањата се оваа верзија да биде со 750 коњски сили и да ја надмине моќта на Рено. Во моментов „Spec C“ на Рено има 730, а Хонда е со 715. Тоа значи дека јапонската компанија ќе успее да додаде 35 кс, но се уште нема да ги стигне Мерцедес кои развиваат 780, ниту пак Ферари со 790.

Промената на погонските единици во двата болиди ќе ги испрати Пјер Гасли и Брендон Хартли да стартуваат во дното на колоната. Таму, сепак, тие ќе спорат кој да биде последен со пилотите на Ред Бул, Макс Верстапен и Даниел Рикардо. Причината за ова е дека тимот решил да се врати на претходната верзија на моторот Рено.

„Најверојатно ќе користиме „Spec B“ во Сочи и ќе претрпиме казни“, рече Кристијан Хорнер. Првично тимот бил задоволен од моќноста на „Spec C“, откако моторот на Рено работел подобро со маслата „Ексон Мобил“, отколку со фабричките „Кастрол“. Проблемот, сепак, е во слабата сигурност на новата спецификација, а таа ќе биде поважна од моќноста во претстојните трки. Во Мексико, на пример, надморската височина е исклучително висока.

Хорнер појасни дека тешкотиите кои ги имал Верстапен во Сингапур, се должат на лошо програмирана карта на моторот во однос на високата влажност. „Моторот не беше оптимизиран и тоа беше проблем во текот на целиот викенд, особено во бавните обиколки. Момчињата направија сé што можат за да се справат со ситуацијата, но на крајот работата на моторот беше варијабилна“, изјави шефот на „биковите“.

Слични содржини