Тошковски: Безбедносната состојба e стабилна, секое незаконито дејствие ќе има име и презиме и ќе одговара пред законот

од Milan1

Денешниот ден, од аспект на безбедносната состојба е стабилен. Министерството за внатрешни работи постапува согласно надлежностите што ги има, изјави денеска техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски по гласањето за изборите во ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ во општина Центар.

– Согласно информациите што ги имам од утринава, сите избирачки места се стабилни, отворени. Граѓаните можат да си го остварат своето право на глас во една мирна, фер и демократска атмосфера, рече Тошковски.

Тошковски изрази благодарност до новинарите, до нашите меѓународни пријатели и до сите набљудувачи кои ќе го следат овој изборен ден.

– МВР ги има сите човечки капацитети, технички ресурси потребни за да гарантираме еден фер и демократски изборен процес и притоа македонскиот граѓанин слободно, врз основа на сопствено убедување си го оствари своето право на глас, а секој еден кој ќе се обиде на незаконит начин да влијае било како во рамки на овој изборен ден треба да му биде јасно дека МВР во координација со надлежен јавен обвинител и судот ќе делуваат бескомпромисно. Секое незаконито дејствие од страна на секој еден поединец ќе има име и презиме и ќе одговараат пред законот, изјави Тошковски.

Слични содржини