Тошковски – Дрекслер: Силна поддршка од Германија за борба против криминалот

од Nikola Popovski
21 прегледи

Денеска (03.07.2024) министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев остварија работна средба со амбасадорката на Сојузна Република Германија Н.Е. Петра Дрекслер.

Министерот Тошковски се заблагодари за досегашната соработка и искрена поддршка од страна на Сојузна Република Германија, која треба да продолжи и во иднина со надеж што поскоро да станеме дел од европското семејство. Министерот ги презентираше главните цели кои ќе бидат во фокус во наредниот период, како борбата против организираниот криминал и корупција не само декларативно туку вистински, реконструирање и функционална систематизација и дигитализација на процесите.

Амбасадорката Дрекслер упати честитки до министерот Тошковски и директорот Јанев и ја потенцираше досегашната соработка, посебно во делот за Центарот за обука на МВР и опремата која е донирана на министерството.

Директорот на Бирото за јавна безбедност на МВР Александар Јанев ги објасни реформите кои се планираат во делот на полициското и криминалистичко работење и уште еднаш ја потенцираше одличната соработка со германската полиција во делот на размена на информации, особено во борбата со транснационалниот организиран криминал.

На средбата беше потенцирано дека директната соработка и пријателските односи ќе продолжат и ќе се интензивираат во следниот период, со цел засилување на борбата против криминалот, како и за владеењето на правото и зголемување на безбедноста на сите граѓани.

Слични содржини