Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски денеска информираше дека дневно може да се изработат само по 3.000 нови пасоши, но во оптимизирани услови. Тој посочи дека се очекува обновување на пасошите со старото уставно име до Нова година, доколку се биде во ред со машините и со испораката на обрасците.
Тошковски во утринската емисија на ТВ Сител појаснил дека добил допис од Брисел дека Европската Унија нема да прави проблем доколку граѓани на Република Северна Македонија треба да патуваат со пасоши со старото уставно име.
-Денеска добив на писмено информација каде комитетот за патни исправи на Европската комисија одржал состанок, ми беше најавено од белгискиот амбасадор. Ќе имаат разбирање за проблемот и ќе бидат максимално коректни и воздржани во однос на нашите граѓани. Нашите граѓани кои се надвор од Македонија, 70.000 се со старото име во Германија, тоа го имаат Германците како податоци, ние го немаме. Тие без проблем ќе може да отидат во Унгарија и Чешка, но нема да можат да излезат од Македонија ако дојдат дома. Европскиот комитет дава мислење до земјите да имаат разбирање. А ние што правиме – само Македонија, освен Грција, ќе крши основно човеково право на слобода и движење, заради тоа што пратениците од владеачката структура – од СДСМ и ДУИ, не сакаат да стиснат едно копче, рекол тој.
Ги повика пратениците да го изменат законот за патни исправи.