Новиот технички министер за внатрешни работи, Панче Тошковски на вчерашната средба со грчката амбасадорка Софија Филипиду, му било соопштено дека од страна на нашите институции на повеќе наврати ѝ било наговестено дека нема да го има проблемот којшто го имаме со гужвите, заради тоа што веќе се издадени 1.250 000 патни исправи.
Како што кажа тој во интервјуто за вестите на Тв Сител, амбасадорката била јасна во однос на рокот до кој граѓаните треба да ги заменат патните исправи.
-Проблемот е овде што не се приоѓа кон проблемите со основната цел, да се решат, туку едноставно стихијно бил оставен системот да функционира како што функционирал. Алармантна е ситуацијата, верувајте ми. Проблемот кај пасошите не е само во фотографирањето и во издавањето, најголемиот проблем е во планирањето. Нам ни требаат некаде најмалку отприлика уште толку пасоши колку што се издадени. Кога го планирале процесот не го планирале според број на државјани на Република Македонија, туку според бројот на ефективно присутни во Република Македонија. Прва катастофална грешка. Многу доцна влегле во процесот на реализација на самиот Договор. И сега од позиција на амбасадор на своја држава нормално дека ќе инсистира на почитување на одредбите од Договорот, вели Тошковски.
Тој додаде дека на средбата била побарана можност дали има и друг начин во наредниот временски период да се спречи да бидат заробени граѓаните кои нема да успеат да добијат нови патни исправи, но вели искрено не се надева на такво нешто.
Во однос на обрасците за пасошите рече дека проблемот не е со добавувачот, туку во лошото планирање. Со досегашното ниво на изработка од 50 000 пасоши месечно, според него, и да се зголеми оваа бројка, за да се задоволат барањата на уште околу милион граѓани ќе биде потребна една година. Најави дека на крајот на јуни или јули, треба да стигне поголема количина на обрасци со кои треба да се задоволи остантиот дел од потребата за процесот.