Тошковски: Има одредени индиции за експлозијата во Керамидница, се размислува за враќање на „Алфите“

од Nikola Popovski
879 прегледи

Денеска работиме на случајот и ќе видиме како ќе заврши на крајот на денот. За жал, не можам да изнесувам информации кои што на било каков начин би можеле да ја загрозат самата истрага, но се работи, се постапува и истражува. Имаме одредени индиции. Бирото за јавна безбедност ќе си постапи во насока се што е негова надлежност, кажа синоќа министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски за новиот обид за ликвидација на Раде Трајковски-Штекли.

-Претходно на двапати се случи обид за убиство среде трговски, а немало никаква реакција од страна на МВР. Денеска бев обвинуван и за пукања и убиства. Тие можат да велат што сакаат, но фактите кои се. За убиството пред „Мавровка“, за два часа сторителот беше уапсен, за убиството на територија на Чаир двете лица се во затвор, за убиството во Арачиново, еден од сторителите е повторно во затвор – тука е разликата. Прашање е како институциите реагираат. Дали како што сме реагирале ние, рече Тошковски во вестите на Тв Сител.

Министерот посочи дека има размислувања во насока за враќање на поранешната единица „Алфи“, но рече дека тоа ќе го остави на експертите во рамки на МВР, тие да ги дадат соодветните факти и бројки.

-Факт е дека сегашната Интервентна полиција постапува и е на терен. Морам да ги пофалам сите припадници дека на дневна основа доставуваат добри извештаи за тоа што е во нивна надлежност. Полицијата е присутна на терен, кажа Тошковски.

Единицата „Алфи“ беше формирана во 2005 година, со цел борба против уличниот криминал. „Алфите“ беа полицајци во цивилка, користеа необележани возила и имаа задача да сузбиваат уличен и насилен криминал. На крајот на 2019 година беше промовирана Единицата за интервентна полиција што делува на територијата на градот Скопје, а работи во состав на Секторот за внатрешни работи во Скопје. Единицата е формирана од тогашната Единица за јавен ред и мир, Единицата за брз одговор и интервенција Алфи и Единицата за асистенции, спровод и обезбедување на транспорт.

„Штекли“ беше пренесен во болница и е надвор од животна опасност.  Јавен обвинител изврши увид по експлозијата во скопска Ќерамидница.

„Се вршат разговори со лица кои би можеле да имаат одредени сознанија, а по наредба на јавен обвинител се обезбедуваат снимки од видеонадзор на објекти. Подигнатите траги од самото место ќе бидат предмет на вештачење“, велат од Обвинителството.

Непознат корисник на социјалната мрежа „Тик-ток“ го спомна нападот врз „Штекли“, објавувајќи снимка. Тој минатата година два пати беше цел на напади во трговскиот центар „Ист Гејт Мол“.

Слични содржини