Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вели дека МВР постапува за утврдување случаи со дивоградби, а резултатите ќе бидат презентирани набргу. Се работи по наредба на јавен обвинител и се постапува, рече Тошковски на прес-конференција во Владата на која ги презентираше резултатите на МВР и сработеното во изминатата година.
Тој уверува дека за разлика од претходно, сега има неселективна и бескомпромисна борба против секој кој се огрешил пред законот.
„За разлика од претходно, сега МВР покажува дека можело да има неселективна и бескомпромисна борба спрема секој еден кој ќе се огреши пред законот. Го покажавме тоа, со постапувањето против врховни судии, член на обезбедување на премиер, актуелни директори, министри, директори на институции кои што злоупотребувале буџет, актуелни, поранешни, и градоначалници. Мислам дека македонскиот народ конечно гледа разлика како се постапувало и како треба,го гледа тоа, го чувствува“, рече Тошковски во одговор на новинарско прашање.
Министерот рече дека сега не знае дали е утврден случај на дивоградба во Чаир.
Случајот со дивоградбите во Чаир пред извесно време почна да го актуелизира скопската градоначалничка Данела Арсовска, откако некои медиуми почнаа да пишуваат за неколку случаи.