Тошковски најави нов пристап за сообраќајни прекршоци преку СМС известувања и камери на „црни точки“

од Nikola Popovski
676 прегледи

Системот за безбедност во сообраќајот е нефункционален со години. Само лани биле затекнати 19.000 граѓани коишто управувале возила без дозвола низ цела Македонија, а се зголемуваат црните точки каде што има несреќи со смртни последици. Казните за сообраќајните прекршоци се селективни и не важат исто за сите.

Првиот полицаец во државата, Панче Тошковски вчера најави дека ќе има нов пристап за сообраќајни прекршоци преку СМС известувања и камери на црни точки.

„Јас лично, а и врз основа на сите анализи, гледам огромен проблем во судската пракса во квалификацијата на одредени дејствија од страна на обвинителите и изрекувањето на санкциите од страна на судовите. Како министер за внатрешни работи не би требало да навлегувам во конкретни судски пресуди, но факт е дека имаме пресуди каде што дошло до загуба на човечки живот, а некои луѓе, додека биле во затвор, сториле таков тип прекршок и за тој прекршок добиле казна од 6 месеци затвор“, изјави Тошковски на партиска трибина на ВМРО-ДПМНЕ.

Поголема безбедност во сообраќајот и построги казни побараа граѓаните и експертите на првиот уличен форум во Скопје. Несреќи има оти сите возат, зошто нема пристоен градски превоз. Се гради на места каде има лош пристап и нема места за паркирање.

Од МВР најавуваат дека на сите црни точки ќе се постават камери, ќе проработи системот „Безбеден град“, а за прекршоците граѓаните ќе бидат известени преку СМС-пораки.

„Предвидуваме ефикасна постапка за комуникација помеѓу прекршителот и МВР, каде што прекршителот ќе добие СМС-известување во разумен временски период од 24 часа, а не по три или шест години. Преку СМС ќе добие известување за прекршокот со линк за отворена информација и слика, со која ќе се увери дека токму тој во одреден временски интервал на одреден булевар сторил прекршок“, истакна Тошковски на партиската трибина.

Според Тошковски, тие решенија ќе обезбедат транспарентност, фер третман за сите прекршители и зголемена ефективност во примената на закони.

„Замислете систем каде што ако денес сторите прекршок, утре добиете СМС-порака и добиете известување дека во текот на вчерашниот ден на булевар тој и тој, наместо да возите 50, вие сте возеле 70, а притоа за истото има соодветен доказ кој што е неспорен“, додаде министерот.

Само во 2024 година во земјава се бележат 142 жртви во сообраќајни незгоди, а сообраќајната деликвенција е застапена со 25 проценти од вкупниот криминалитет.

Слични содржини