Со успешната имплементација на првата фаза од проектот „Безбеден град“ покажавме како граѓани да докажеме дека можеме да реализираме европска вредност со европски проект во Македонија, го нема „дивеењето“ со високи брзини низ скопските улици, намалена е нетрпеливоста во сообраќајот и има помалку сообраќајни несреќи, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вчера во емисијата „Click plus“ на „ТВ 21“, додавајќи дека нема граѓанин во Скопје кој не ја забележува промената на подобро.
„Почнавме во тест периодот со констатирана бројка на прекршоци над 100 000… некои денови бројката достигнуваше и 120 000. Денес имаме бројка која што се движи од 500 до 800 прекршоци дневно што е драстично помала бројка на прекршоци“, изјави министерот Тошковски.
Тој напомена дека до сега системот ги констатира прекршоците поврзани со недозволена брзина, поминување на црвено светло и управување на моторно возило коешто не е регистрирано и додава дека во иднина ќе бидат имплементирани и прекршокот за погрешно запирање и паркирање, додавајќи дека во рамки на градот Скопје во тек е имплентација на паметен зелен бран и со неговата целосна имплементација, би се забрзал протокот на моторни возила во градот за 30%.