Поднесени се две кривични пријави против 34 физички лица и 3 правни лица за пожарот во кочанската дискотека во која загинаа 59 лица. Како што рече денеска, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, „нема нормален човек кој што би задржал некого за кого постојат индиции за директна или индиректна одговорност“. Вели дека е свесен и за сомнежот кај народот и досегашните искуства со вакви предмети и дека биле разочарани. Министерот тврди дека сега нема потреба за загриженост и дека постои разлика во однос на минатото.
Тошковски не се сложува дека актуелни вработени во МВР на одредени позиции или во другите институции не се дел од истрагата или дека нема осомничени.
-Во однос на сите дејствија кои се предмет на истрагата, согласно она што ќе биде преземено, во моментот кога ќе можеме да го споделиме, ќе го споделиме. Истрагата формално е отворена вчера со поднесување на кривична пријава од страна на МВР, рече Тошковски на прес-конференција.
Тој додаде:
-Нема овде „наши“ или „ваши“. Има луѓе кои што се одговорни и луѓе кои што не се одговорни, но, мораме да почитуваме процес на правда и мораме да темелно да ја работиме истрагата како што доликува на една држава која што треба да одговори соодветно, истакна министерот пред зградата на МВР.