Тошковски преживеа интерпелација: Собранието не ја прифати иницијативата за негово разрешување

од Љубиша Владимиров
54 прегледи

Собранието на Република Северна Македонија не ја прифати интерпелацијата на министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, кој останува на својата функција. За интерпелацијата гласаа само 20 пратеници, додека 72 пратеници беа против, без присуство на „воздржани“.

Собранискиот спикер, Африм Гаши, ја соопшти одлуката, нагласувајќи дека интерпелацијата не беше прифатена. Интерпелацијата беше поднесена од пратеникот од Левица, Сашко Јанчев, кој образложи дека основите на интерпелацијата се базирани на серија на нереализирани обврски од страна на Министерството за внатрешни работи.

Пет од десетте основи на интерпелацијата се однесуваат на трагичната несреќа во Кочани, при која животот го загубија 62 лица, а повеќе од 200 лица беа повредени. Левица тврди дека МВР не ја исполнило својата надлежност во проверката на условите за безбедност во објектот, како што се работното време, гласност и бучавост, присуство на малолетници по полноќ, продажба на алкохол и употреба на наркотични супстанции. Според Јанчев, ако овие проверки беа завршени, трагичната несреќа немаше да се случи.

Останатите пет основи се однесуваат на различни инциденти, вклучувајќи: апсењето на граѓани кои чистеле црква во Гостивар, непостапувањето при палењето на македонското знаме за време на прославата на Денот на албанското знаме, кражбата на марихуана што ја чувала полицијата, апсењето на телохранителот на премиерот поради одавање службени тајни и непотизмот и кронизамот во кадровската политика на Министерството.

Ова не е прв пат Тошковски да се соочи со интерпелација. Во јануари годинава, тој веќе беше предмет на интерпелација заедно со уште четири владини министри, кои беа поднесени од Европскиот фронт предводен од ДУИ.

Слични содржини