Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, во рамките на посетата на САД, како дел од владината делегација која ќе учествува на Самитот на НАТО на кој се одбележува 75 години од постоење на Алијансата, оствари средба со Брендон Јодер, заменик помошник-секретар на Бирото за меѓународни наркотици и спроведување на законот (INL).
На состанокот беше разговарано за значајните аспекти на соработката со нашиот стратешки партнер САД, како и интеграцијата во Европската Унија, процес кој е од клучно значење за иднината на Македонија.
„Исто така, разговаравме и за системот за гранично управување и нашиот план за реформи во овој дел кои подразбираат и користење на технолошките достигнувања во насока на поефикасен надзор на зелената граница“, потенцираше министерот Тошковски.
Една од најважните теми на средбата беше и борбата против организираниот криминал и високата корупција и можностите за соработка во делот на обуки и јакнење на човечките и материјалните ресурси, со цел поуспешно справување со овие предизвици.
„Оваа средба беше одлична можност за потврда на нашата посветеност и продлабочување на соработката со САД, со цел постигнување на нашите стратешки цели и да обезбедиме безбедна и просперитетна иднина за нашите граѓани“, потенцира министерот Тошковски.