Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, во интервју за Македонската радио телевизија истакна дека е во постојана комуникација со родителите на жртвите од трагичниот настан во дискотеката „Пулс“ во Кочани, но не сака тоа да го користи за медиумски поени. Тој откри дека веќе остварил средби со дел од семејствата на настраданите. „Бев во Кочани и се сретнав со дел од родителите. Ќе направам сè што ми е должност како министер, но нема од тоа да правам медиумска кампања“.
Осврнувајќи се на истрагата, тој ја демантираше тезата дека процесот е целосно завршен. Според него, дел од постапката што ја води Основното јавно обвинителство – Кочани е формално завршена, но Обвинителството за организиран криминал сè уште работи на случајот.
„Факт е дека истрагата не е завршена. Доколку се појават нови докази, постои можност за дополнителни обвиненија. Веќе има осомничени лица, меѓу кои и актуелен министер, сегашен градоначалник и директор на Дирекцијата за заштита и спасување“, потенцираше Тошковски.
Тој ги отфрли обвинувањата од опозицијата дека надлежните полициски функционери не се опфатени со истрагата, истакнувајќи дека и тие се предмет на постапка и дека дел веќе не се на своите претходни позиции. Во трагичниот пожар кој избувна рано утрото на 16 март во дискотеката „Пулс“, животот го загубија 62 лица, додека над 200 беа повредени. Повредените беа згрижени во болници низ државата, но и во странство.
Министерот порача дека институциите ќе продолжат со работа и дека правдата ќе биде изнесена на виделина, без разлика на политичките притисоци.