Тошковски тврди дека Салиу нападнал полицаец удирајќи го по нозете и му порача пиштолот да го чува дома

од Nikola Popovski
710 прегледи

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски денеска соопшти дека новинарот Фуркан Салиу во текот на вчерашниот ден нападнал полициски службеник. Тој вели дека „лично видел“ на снимката доставена до него – спречување на полицаец во својата работа. При давањето изјава пред медиумите, беше присутен и лично Салиу.

Според Тошковски, никој нема право да нападне службено лице и никој нема право да нападне новинар.

-По мое убедување, во најмала мера имаше спречување на вршење на службено лице во неговата работа. Според добиените белешки, од страна на двете лица кои се приведени, има физички напад по долни екстремитети. Ова е изјава од полициските службеници, не е од моја страна, рече техничкиот министер.

Најавено е дека внатрешна контрола ќе го истражи случајот согласно надлежностите и во целост ќе бидат испитани сите дејствија.

Според Тошковски, дошло до пресметка на навивачки групи во Средно Коњаре каде што имало натпревар од Третата фудбалска лига, каде што бил и новинарот Салиу. Од друга страна, тој денеска го запраша Тошковски дали добил информација како бил пронајден неговиот пиштол и по која основа е претресено неговото возило, без негово присуство.

-Извршен е преглед на вашето возило. Лицето има дозвола за поседување, но таквото оружје не смее да биде во рамки на возило на предметното место во селото. Точно се знае согласно закон како се поседува и како се транспарторира од едно до друго место и како се носи. Станува збор за прекршок во однос на начин на поседување на истото. Многу битно е пиштолот да го чувате дома, а не во своето возило. Во оваа држава мора законот да важи за сите. Доколку биде расчистено дека нападот не се случил, ќе ти се извинам, му одговори министерот на Салиу, најавувајќи соодветна пријава најмалку кон две лица.

Министерот тврди дека новинарот лаже кога вели дека немал контакт со полициските службеници пред да го приведат.

Слични содржини