Тошковски: Убиство на турски државјанин во Скопје, осомничениот е во бегство

„При настанот има и лице кое што е тешко повредено. Со остар нож се предизвикани и убиството и тешката телесна повреда“, информира министерот за внатрешни работи

од Nikola Popovski
437 прегледи Фото: Принтскрин/Фејсбук/МВР

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски информира дека во текот на новогодишната ноќ, на подрачјето на СВР Скопје се случило убиство на турски државјанин, седум лица се повредени од употреба на петарди, а едно лице се самоповредило со ловна пушка на територија на СВР Битола.

За повреденото двегодишно дете со прострелна рана кое е примено на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, а за кое претходно соопштија оттаму, Тошковски информира дека детето е во животнозагрозувачка состојба. Станува збор за метален фрагмент за кој министерот рече дека засега не може со сигурност детално да го специфицираат, но штом има информација, ќе биде споделено со јавноста.

-Има повеќе теории како е повредено детенцето. Штом точно ги утврдиме причините за оваа тешка телесна повреда, ќе ја информираме јавноста, кажа Тошковски пред полициската станица „Беко“.

За убиството на турскиот државјанин, Тошковски додаде при настанот има и лице кое што е повредено. Со остар нож се предизвикани и убиството и тешката телесна повреда. Има осомничено лице кое моментално е во бегство. Околу настанот, сите инволвирани лица се странски државјани.