За главната причина за пожарот, пиротехниката, и која ја внел во дискотеката, првиот полицаец во државата, Панче Тошковски појасни дека вчера дал многу јасна и прецизна изјава и дека е факт како групата „ДНК“ ги донела прскалките.
-Тоа е факт утврден во рамки на истрагата. Поединечната одговорност ќе ја утврдиме во текот на постапката. Треба сериозно да се анализира предметот. Се што кажав вчера е факт, кажа министерот за полиција на денешната прес-конференција пред зградата на МВР..
Сопругата на трагично загинатиот Андреј од „ДНК“ објави дека е лажна веста дека бендот ја донел пиротехниката во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
„Во овој момент, кој е најтежок за нас, медиумите и државните институции, ме предизвикувате по првпат да се обратам до македонската јавност. Во текот на вчерашниот ден, по потрага на својот сопруг Андреја Ѓорѓиески, да го најдам во некоја од болниците, на домашна адреса нè посетила криминалистичката служба која без објаснување го барала мојот сопруг, во присуство на нашето дете. Таа служба ме побара телефонски во неколку наврати со најнехуман однос да дадам информација каде е мојот сопруг со цел да даде изјава за настанот, за што истото прашање го упатив кон нив. Од медиумите, кои пренесуваат лажни информации, дознале дека сопругот е на домашно лекување, додека тој лежи во болницата во Кочани, мртов. Ги замолувам сите јавни медиуми да не шират дезинформации на социјалните мрежи. Ги замолувам и јавните органи да си извршат детален увид за целиот трагичен настан. Во овој тежок момент за сите нас, јавно ги замолувам институциите и медиумите пред сè да ја почитуваат нашата приватност. Лажни објави дека мојот сопруг е на домашно лекување и дека пиротехниката е донесена од страна на бендот, ве молам, НЕ ШТИТЕТЕ НЕКОЈ ШТО ТРЕБА ДА Е ЗАД РЕШЕТКИ! Како сопруга и мајка на малолетно дете, покажете малку сочувство, а така и за поблиското семејство и пријателите“, напиша Ѓоргиеска на Фејсбук.
Лицето кое било задолжено за нивна употреба е починато, кажа вчера министерот. По завршување на увидот, ќе биде доставен извештај на ОЈО, по што ќе се утврди дали истите требале да поседуваат одреден сертификат за употреба. Според Тошковски, дискотеката работела во објект чија што намена е лесна индустрија, а не угостителство. За цел клуб имало само два противпожарни апарати. Концертот бил одржан „на диво“ бидејќи немало писмен договор меѓу организаторот и оддржувачите.