На покана на израелската компанија Елбит Системс, министерот за внатрешни работи на Република Македонија, Панче Тошковски, деновиве престојува во Израел. Како долгогодишен партнер во унапредувањето на техничките системи и безбедносните капацитети на Министерството, Елбит Системс е клучен во рамките на проектот „Безбеден град“.
Министерот Тошковски ја оцени посетата како значајна можност за размена на искуства и запознавање со најновите технолошки решенија за справување со модерните безбедносни предизвици. Фокусот на посетата беше на иновациите во заштитата на границите, урбаната безбедност и борбата против тероризмот, како и интеграцијата на напредни технологии во безбедносниот систем на Македонија.
Тошковски ја посети и Полицискиот контролен центар во Тел Авив, каде што се запозна со интегрираниот безбедносен систем, кој користи напредни алатки за брза реакција на безбедносни инциденти. Во рамките на посетата, оствари средба со генералниот директор на израелското Министерство за национална безбедност, Рафаел Енгел, со кој разговараа за зајакнување на соработката во областа на безбедноста и размената на добри практики.
На средбата, Тошковски изрази сочувство за жртвите од терористичкиот напад на 7 октомври 2023 година и поддршка за враќање на заложниците. Тој истакна дека Македонија и Израел споделуваат заедничка посветеност на безбедноста и стабилноста, со акцент на потребата за превентивни стратегии и современи технолошки решенија.
Оваа посета е важен чекор кон зајакнување на партнерството помеѓу Македонија и Израел во доменот на безбедноста и унапредувањето на безбедносните структури преку соработка со светски лидери.